Талат Џафери нема да го добие гласот од Европскиот сојуз за промени при изборот за технички премиер, најави лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, откривајќи дека албанскиот опозициски блок нема да учествува на собраниската седница.
„Принципиелно сметам дека е потребно формирање на техничка влада, како последица од Пржинскиот договор. Но, во овој случај, токму заради Талат Џафери ние веќе го бојкотираме Собранието.
Уште пред да влеземе во предизборниот процес, тој го извалка изборниот процес, со тоа што не се избра член на ДИК согласно законите и по сите стандарди, што требаше да биде од албанската опозиција. Напротив, Џафери играше игри, бараше да биде предложен човек од новоформирана партија (Европската демократска партија на доскорешниот заменик-претседател на Беса, Арјанит Хоџа, н.з.), којашто деновиве презема некои директорски места во Агенција за вработување, значи и тие се дел од Владата. Зборувам за новоформираната партија која го предлага членот од Алијанса, а самата Алијанса не предлага оти по закон не им следува ним.
Така што, Џафери го извалка изборниот процес уште пред да почне.
Ако остане Државната изборна комисија со 6 члена, може да дојде до гласање 3 – 3, па одлуките да мора да се носат во административните судови.
Од овие причини, првиот чекор беше бојкотирање на Собранието и ние нема да учествуваме на таа седница токму заради Џафери.
Во однос на техничкиот премиер, тој ќе го задржи столчето загреано додека дојде новиот премиер. Тој ќе биде преоден премиер, а оваа влада ќе биде само во функција на изборите.
Имајќи предвид дека веќе го извалка изборниот процес, се надевам дека нема да ја злоупотреби премиерската функција, ако биде избран, затоа што слушам гласини дека и внатре во мнозинството има превирања – да има нефер и недемократски избори, бидејќи тоа сега најмалку ѝ е потребно на државата, кога претендираме да бидеме дел од Европската унија“, изјави Меџити во интервју за „Вечер“.
Европскиот сојуз за промени, кој покрај Демократското движење на Меџити го сочинуваат и Беса на тетовскиот градоначалник Билал Касами и Алтернатива на Африм Гаши, има вкупно шест пратеници.






