Откако ги „запали“ преку високи сметки, може ли да се врати довербата на граѓаните во „ЕВН“?!

Покрај тоа што цената на струјата во Македонија е субвенционирана со 84 отсто, сепак граѓани плаќаат најскапа струја од земјите во регионот. Ова го потврдуваат и последните податоци од Евростат, според кои и покрај субвенциите што се напишани на секоја сметка за електрична енергија, со што, како што тврдат од Владата, се штити стандардот, македонските граѓани плаќаат поскап киловат-час од граѓаните на Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.



Освен тоа, месецов имаше многу поплаки од граѓаните на социјалните мрежи кои се пожалија дека декемвриските сметки за струја им биле многу повисоки отколку што очекувале. Освен надоместокот за пристап до мрежа од 200 денари кој погрешно им беше вкалкулиран во сметките за декември, а одлуката стапи на сила од јануари, велат дека има и други скриени трошоци, бидејќи не може сметките да им бидат повисоки дури до 50 отсто. Според нив, нема ништо од намалувањето кое го најави Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи речиси никој не добил пониска сметка за декември од ноемвриската.

Според енергетскиот експерт и универзитетски професор Константин Димитров, парите кои државата ги дава на име субвенции за струја се всушност пари на граѓаните.

– Голема лага е дека државата ја субвенционира цената на струјата. Тоа се пари од граѓаните кои им ги зема на име данок на додадена вредност, кој го зголеми од 5 на 10 отсто. Значи, тие пари не се на државата, туку на граѓаните и со нивни пари им ја субвенционираат струјата. Ова е само предизборен маркетинг дека се грижат за граѓаните, односно дека им ги субвенционираат сметките, вели за весникот ВЕЧЕР, Димитров.

Тој вели дека главен проблем во државата е што електростопанство не ја врши својата основна функција, односно не обезбедува доволно електрична енергија.

– Електростопанство треба да произведува доволно струја по најниски цени и не смее да прави поголеми профити отколку што е потребно за репроматеријали и зголемување на производството. Но, под превезот на измислени трошоци државата дава субвенции на Електростопанство кои пари оние ги трошат за нови вработувања и зголемување на платите на постојните вработени. Од друга страна, бидејќи не произведуваат доволно струја купуваат од фирми кои се блиски до власта, вели Димитров за ВЕЧЕР.

Според него, непристојно е тоа што му го прават на народот со овие 200 денари на име пристап до мрежа. Народот одамна ја изгуби довербата во ЕВН, така што со враќањето на овие 200 денари нема да се врати и довербата. Но, власта не мисли така. Според вицепремиерот Фатмир Битиќи, цената на електричната енергија во овој момент е субвенционирана со 84 отсто и субвенционирањето ќе продолжи до носењето на следната одука за цената при крај на јуни годинава. Пресметката, која, како што кажа ја гледаме во овој момент во сметките за струја не е реална и е даден само моделот како би изгледало субвенционирањето.