Општините во Македонија се во многу лоша состојба најчесто поради долгови и тоа претставува проблем за да се инвестира и во основна инфраструктура. Кичево е една од тие општини – должи 1.219.480 евра, а во буџетот за минатата и оваа година не предвиделе враќање на основниот долг, туку само камати. Најприоритетни проблеми во општината, и според надлежните и според граѓаните, се канализацијата, водоснабдувањето, дотраените улици, депониите и огромниот број на кучиња – скитници.
Кога пред повеќе од една година, на петти април 2022 година Бирото за регионален развој ќе распише повик за поддршка на развојот на општините, 22 општини ќе бараат излез за дел од своите проблеми во трката за дел од 1,8 милиони евра. Овие пари се предвидени за спефицичен развој на општините.
Промашени приориети
Архитектурата на Зајас е првиот сигнал дека влегувате во иселеничко село. Од една страна се издигнуваат големи и нови куќи, претежно празни. Тие се градени со пари на дијаспората, а се „живи“ само на лето кога стотици семејства, претежно од Швајцарија и Германија, доаѓаат во Македонија. Летните денови ги користат за свадби, одмор и средби со малкуте останати роднини и пријатели.
Тоа им паѓа тешко на луѓето. Првиот човек на којшто наидовме барајќи ја куќата на најславниот жител на Зајас, претседателот на ДУИ Али Ахмети, беше еден од неговите соседи.
„Сам легнувам, сам станувам, сам јадам“. Ајдар Емаини не ја криеше својата тага поради тоа што сите негови блиски го напуштиле селото. „Надвор е тишина, не се слушаат деца, нема веќе деца“. Емаини има сопруга, но таа мора да живее во Швајцарија со децата затоа што е болна, а во близина нема болница во којашто таа може да се лекува.
Емаини е еден од жителите на Зајас кој не гледа потреба да се трошат пари на непотребен парк.
„Зошто се губат пари за џабе? Канализација и болница немаме. Има сиромашни луѓе кои немаат што да јадат, немаат пари ниту да купат леб“, вели Ајдар Емаини кој живее во близина на Ахмети.
Дека проблемите со основна инфраструктура во кичевско се приоритетни ќе потврди и самиот Ахмети за време на кампањата на локалните избори во 2021 година.
„Ова е блескав мандат и вие ќе блеснете затоа што само во процесот на Зелената агенда, агендата на животот, проектирана е цела фекална канализација и завршена е во сите сфери. Се очекува конечниот епилог, работите да почнат по цена од 15 милиони евра и овде во нашите села и нашиот град да не смрди“, рече Али Ахмети пред локалните избори во 2021 година.
Една година подоцна, првиот позначаен проект ќе биде нешто сосема неочекувано – рекреативен парк во Зајас од половина милион евра.
Целото истражување на ИРЛ:






