Наместо нов автопат, власта на крај од мандатот се пофали со обнова на пат до „Блаце“

До сега по кој знае кој пат требаше да биде завршен, но еве сега се фрли по некоја лопата. Последниот ден од мандатот наместо нов автопат, власта се растрча да направат дешавка, и да се пофали со реконструкција на пат. Се собраа пред границата со Косово за да промовираат завршни активности за рехабилитација на 10 км од Скопје до Блаце – закрпија некоја дупка, го санирале тунелот и го пуштија во употреба стариот пат, а за тоа беа потрошени 3.8 милиони евра, пренесе Алфа.



Цел мандат на Димитар Ковачевски, а и на неговиот претходник Зоран Заев слушавме за наводна рекордна реализација на капитални проекти и патна инфраструктура како на филм, но на последниот ден пред да ги спакуваат куферите од Илинденска ни дадоа нова најава, на пролет ќе биле готови првите 2 км од автопатското решение од Скопје до Блаце. На „ќе“ се сведуваат и останатите 10 км , допрва ќе се бирала градежна фирма.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, придружувани од вицепремиерот Артан Груби денеска на настан кај кружниот тек пред ГП „Блаце“ го означија завршувањето на рехабилитацијата на патот.

Завршена е целосно обновата, имаме нова еластична ограда, делумно проширување на патот, како и санација на тунелот. Со тоа ја подобривме и безбедноста на патот, кој е еден од четирите кои водат кон граничните премини што ги завршивме изминатите месеци, Битола- Меџитлија, Струга-Ќафасан, како и Крива Паланка – ГП Деве Баир, што значи дека поврзувањето со соседите за нас е од исклучително значење, изјави министерот Бочварски.

Како што посочи, зависно од временските услови се очекува на крајот на март да бидат пуштени првите два километри од автопатот во изградба. Рустеми исто така посочи дека набргу ќе бидат пуштени во употреба првите два километра од автопатот и оти во тек се процедурите за избор на  изведувач и надзор за 10-те километри што треба да бидат изградени во втората фаза.

Договорот за изградба на првите два километри беше потпишан во 2020-та година со тогашна вредност од 12,2 милиони евра, изведбата започна во 2021, а требаше да заврши до средината на 2022 година, а целиот автопат требаше да биде готов до 2023, но еве на старт на 2024 имаме нова ограда наместо цел автопат.

Дека Македонија е слепо црево на балканот по патна инфраструктура се гледа буквално на секоја точка Владата се фали за реконструкции место за нови автопати.  Пред нецел месец. формално го пуштија во употреба и реконструираниот и рехабилитиран патен правец до граничниот премин Деве Баир, со вкупна должина на делницата од 13 км.

Се уште нема автопат од Кичево до Охрид, уште еден пробиен рок се случи. Летнаа само милионите и уште една шанса на кинески „Синохидро“. Сумата достигна речиси 400 милиони евра, а за автопат ќе си почекаме, повторно имало проблем со свлечишта. За коридорите 8 и 10 д пак само се потрошија милиони кон Бехтел и Енка, по неколку свечени стартови за изградба изгледа се работи само на експропријација.