Како што вели за „Фокус“ висок функционер на ДУИ, доколку Беса, Алтернатива и Демократско движење настапат со кандидат за претседател, тогаш сигурно дека тоа ќе го направи и ДУИ, со цел да не и остави простор на албанската опозиција политички да профитира без конкуренција. Иако од Европскиот сојуз за промени најавија дека ќе истрчаат со претседателски кандидат, сепак, соговорникот на Фокус од ДУИ вели дека можен е и поинаков епилог.
–Ако опозицијата има свој кандидат, сигурно ќе имаме и ние. Во спротивно, многумина што би гласале за нашиот кандидат ќе гласаат за нивниот, бидејќи се уште многумина гласаат по етничка линија, па не сакаме да им оставиме слободен простор. Сепак, треба да почекаме и да видиме дали тие ќе кандидираат претседателски кандидат, бидејќи има сигнали и информации дека се под жесток притисок од меѓународната заедница да не го направат тоа – вели тој за Фокус.

Според него, Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити за време на посетата на САД примиле порака да не делуваат спротивно на стратешкиот интерес за интеграција во ЕУ, па во таа насока им било сугерирано да не кандидираат претседателски кандидат, за да не го опструираат изборот на кандидатот на т.н. европски фронт. Плус, додава тој, иста порака примил и косовскиот премиер Албин Курти, кој ја поддржува албанската опозиција.
–Може да се забележи дека Курти го смени односот и ја омекна реториката, па ако отворено ја поддржуваше албанската опозиција, сега веќе почна да говори дека Самопределување нема да учествува на изборите и нема да се меша во земјава итн. Па, ако опозицијата нема свој кандидат, тогаш ќе настапиме со заеднички кандидат со СДСМ, а тоа пак драстично ќе ги зголеми шансите и за предизборна коалиција за парламентарните избори – вели функционерот на ДУИ.
Сепак, наспроти ваквите очекувања во Мала Речица, албанската опозиција е категорична дека ќе има свој кандидат за претседател. Од таму подолг временски период наназад во континуитет велат дека ќе имаат свој кандидат, па дури и дека размислуваат за неколку имиња и дека се воделе прелиминарни разговори. Како што сега велат високи партиски извори, ваквиот став воопшто не се променил и дефинитивно ќе имаат претседателски кандидат.
Целата анализа на Фокус на следниот линк:
https://fokus.mk/dui-ke-isfrli-pretsedatelski-kandidat-na-izborite-ako-toa-go-napravi-albanskata-opozitsija/





