Актуелниот претседател на Собранието и иден мандатар на техничката влада, Талат Џафери, денеска поднесе оставка од претседателската функција во парламентот.

Оставката, како што попладнево информираа од собраниската прес-служба, е поднесена согласно членот 115 од Деловникот за работа на Собранието, според кој, секој носител на јавна или друга функција што го избира или именува Собранието има право да поднесе оставка, а таа да биде констатирана на првата наредна собраниска седница, без претходен претрес.

„Почитувани граѓани, само што ја поднесов оставката од позицијата претседател на Собранието. Со чувство на гордост и исполнетост зашто во двата мандати бев претседател на сите пратеници и граѓани – работев одговорно, професионално, независно и отчетно пред вас. Така и ќе продолжам во следниот предизвик“,
објави Џафери на својот профил на Фејсбук непосредно по поднесувањето на оставката.





