Идниот премиер на техничката влада Талат Џафери е против тоа црните листи на САД и на Обединетото Кралство да станат дел од правниот поредок на Македонија, затоа што такво нешто не е предвидено со македонскиот Устав и закони, а тие не се меѓународни документи кои би можеле да бидат ратификуваат и да влезат во македонскиот правен поредок.
Во интервју за поткастот „Политиканти“ на „Слободен печат“ Џафери ги кажува своите размислувања за предлозите за тнр. рестриктивни мерки со кои црните листи на САД и на Обидинетото Кралство ќе станат дел од македонскиот правен поредок.
– Во однос на предлогот за црните листи да станат дел од македонскиот правен поредок јас сум против оти тоа не е предвидено во Уставот и законите, а тие не се меѓународни документи па да се ратификуваат и да влезат во македонскиот правен поредок. Искрено, лично не сум за тоа да се вметнува таков закон – рече Џафери.
На прашањето дека народот смета дека политичарите се корумпирани, Џафери вели дека граѓаните не грешат и дека народот е секогаш во право и таа перцепција низ процедури треба или да се потврди или да се отфрли.
– Нема закон што ќе спречи корупција. Ни овде ни во светот. И тоа не е појава што е само за регионот. Некаде е институционализирана, некаде е во четири очи. Ветингот е најпроста работа што може да се направи. Јас сум за ветинг. Тој не е неспроведлив. Но не може да се преземе албанскиот пример како калап, спецификите не се исти. Општ ветинг и претстава за нас има секој граѓанин. Сите граѓани ни имаат направено ветинг. Може да седнеме со експерти да формулираме кои би биле техниките од дефиниција до спроведување – посочи Џафери.





