Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за денеска во 12:30 часот ќе одржи седница со една точка на дневен ред – Предлог за избор на судија на Уставниот суд.



Според објавеното на веб страницата на Собранието, за судија на Уставниот суд е предложена Ана Павловска-Данева, професорка на Правниот факултет во Скопје и е  поранешна пратеничка на СДСМ.

Павловска Данева автор и коавтор е на 10 универзитетски учебници и неколку монографии и коментари на закони. Во биографијата на Павловска-Данева се вели дека таа поседува одлични менаџерски, комуникациски, организациски и истражувачки вештини стекнати и надградувани во текот на кариерата, особено при работата и координацијата на поголеми (често мултидисциплинарни) тимови во рамките на проекти поддржани од Европската унија, ОБСЕ, СИГМА, УСАИД, Светската банка и слично. Активно ги владее англискиот и рускиот јазик.

По повлекувањето на предлогот Љубомир Јовески да биде предложен за уставен судија, тој во изјава за МИА рече дека е изненаден.

„Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади, вели Јовески, додавајќи дека сметал оти процесот е завршен бидејќи веќе година и половина не се покренувало ништо“.