За време на предизборие, кога секој прави по нешто за глас повеќе, па и се кити со туѓи пердуви, Владата наместо да ја зголеми – ја намали субвенцијата за струја. Цената на струјата е субвенционирана со 84 отсто, а не со 91 процент како што сега пишува во фактурите, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тврди дека ЕВН треба да направи корекција и во самите сметки, а домаќинствата да имаат јасна слика за тоа колку точно изнесува поддршката.

Ваквиот потег доаѓа како резултата на тоа што цените на берзите се стабилизирани, а трошоците на ЕСМ да обезбеди струја намалени. Но, дополнително на кратењето влијае и воведувањето на дневната евтина тарифа, од два часа во декември лани.
- Електричната енергија со последната одлука за цената со која ЕСМ ја даде кон ЕВН и количината на електрична енергија која треба да ја испорача е субвенционирана. Процентот на субвенционирање зависи од крајната производна цена на ЕСМ. Во овој момент изнесува 84 отсто, рече Битиќи.
Пресметката, која, како што кажа, што ја гледаме во овој момент во сметките за струја не е реална и е даден само моделот како би изгледало субвенционирањето.

- ЕВН Хоум би требало да ја смени табелата на сметката која служи за илустрација. Ако не знаат тоа да го направат ќе им го направам јас. Треба да се смени процентот за да им се укаже на граѓаните колку е реалната субвенционирана електрична енергија. Тоа што беше 91 сега е 84 отсто затоа што производната цена од ЕСМ е намалена од претходно затоа што не е само таа цената која влегува во параметрите за крајната цена што ја плаќаат потрошувачите, посочи Битиќи.
Прашан дали сите три компании ги исполнуваат условите на повикот за избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија, Битиќи рече дека комисијата за евалуација се уште работи.
- Заради фактот дека комисијата работи и се уште нема конечен извештај не можам да кажам што се случува затоа што тоа е одговорност на комисијата. Не би сакал воопшто ни да прашам, ниту да знаеме детали од работата на комисијата затоа што тоа е веќе влегување во надлежност на комисијата која што има мандат за да ги определи сите критериуми, евалуацијата на постигнатите понуди. Кога ќе завршат со работа ќе го имаме извештајот и тоа ќе биде објавено, потенцира Битиќи.
За наводите на Државната комисија за спречување на корупцијата за злоупотреби во ТЕЦ Неготино рече дека се уште не стигнале до неговиот кабинет. Од друга страна со стартот на грејната сезона во фактурите за парно може да се забележи дека владината поддршка повеќе не ја пишува. Но, во одговор од ЕСМ соопштуваат дека и оваа сезона ќе има субвенции, калкулациите се прават.





