„Колку повеќе наближуваат изборите, толку повеќе политичките партии ја заоструваат својата националистичка реторика. Неодамна Советот на Македонски концепт, но и Левица и експоненти на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги актуелизираа ставовите за да се обезбедат 61 пратеник, за да не се зависи од албанските партии за формирање на владата. Сличен став имаше и поранешниот премиер Никола Груевски. Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека ваквите ставови одразуваат стремеж за создавање меѓуетничка напнатост.“ – наведува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Националистичката реторика – специјалитет на кампањата!“.
Натаму „Журнал“ пишува: „Тоа е стремеж за создавање меѓуетничка напнатост и антиалбанско расположение, што ја надминува дефиницијата за национализам. Тоа може да биде шовинизам, со цел да се предизвикува омраза кон Албанците. Повиците и солидарноста со другите мали партии, но со антиалбански и антизападен пристап, да се создаде мнозинство од над 61 пратеник, за да не зависи идната Влада од албанскиот чинител, е нивно лудило. Како не разбраа дека Албанците претставуваат важен фактор во политичките случувања во * Македонија?“ – нагласува Рамадани.
Тој нагласи дека нашето општество треба да ги маргинализира ваквите политички сили, но таквата маргинализација може да се направи заедно со големите напредни партии кај Македонците. „Албанците заедно со своите партии мора да им стават до знаење на ваквите политички сили дека Владата на * Македонија не може да функционира без Албанците. Исто така, дека не може ниту Македонија да функционира како држава без Албанците. Со својата проатлантска, или проевропска ориентација Албанците постојано им даваа одговори на македонските политички субјекти, особено на антиалбанските политички субјекти, дека оваа политика нашите пријатели ја оправдуваат и често ја фалат.“ – рече Рамадани. Според него, заврши времето на омраза и реваншизам, а македонските субјекти треба да ги гледаат сите албански политички субјекти како партнери.
Националистичките тонови не се непознати во * Македонија, особено за време на кампањите. Имајќи ги предвид досегашните искуства, граѓаните треба да бидат ладнокрвни и со отворен ум, за да не станат плен на можни провокации. Се се прави, со цел одредени партии да добијат колку е можно повеќе гласови на изборите.
Националистичката реторика не води никаде. Граѓаните треба да ги казнуваат, а не да ги наградуваат ваквата реторика и манипулирањата со нив. Целосно се изгубени оние политичари, кои мислат дека масата се возбудува со песните и навредите меѓу македонските и албанските партии.
Изборите се ближат, националистичката реторика се зголемува
Начинот на кој се води кампањата кај нас е познат и затоа треба да се апелира до граѓаните да бидат ладнокрвни и да внимаваат на подготвените стапици. Во овој момент на граѓаните им се е најпотребни работа, основни услови за живот, безбедност и правда. Националистичките тонови, заканите, предупредувањата, фолклоризмите не го поправаат тешкиот живот на граѓаните. Не е природно, ниту и не дава никаков ефект. Албанците и Македонците имаат потреба да владее правото. Особено на Албанците им се потребни слобода и рамноправност.
Мора да се стави крај на дискриминацијата, што се случува врз етничка основа во нашата држава. Националистичката политика не ги зближува граѓаните, само уште повеќе ги оддалечува. Доближувањето на граѓаните значи намалување на можностите и просторот за злоупотреба, или повторување меѓуетнички провокации од времето на Груевски. Затоа, еднаш засекогаш треба да се запре националистичката реторика, а политичарите треба да се зафатат со работа и со кампања според околностите во кои сега живееме.





