Професорот Салиху ги напаѓа „македонските елити кои се против ЕУ“ дека „работат и против државата и рамноправноста на Албанците“!

„Политичките и културните елити, чии антени се насочени во правец спротивен на ЕУ, работат против оваа држава. Во * Македонија има надземни и подземни сили, кои не сакаат земјата да се приближи кон ЕУ, бидејќи имаат други агенди.“ – тврди д-р Салајдин Салиху, писател и професор по албанологија во Филолошкиот факултет на државниот Универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Интеграции и тензии“, во која воопшто не се осврнува на тоа каква и колкава цена би морале да платат македонскиот народ и Македонија како држава, за да се исполнат „условувањата од Бугарија“, кои ги споменува.



Во колумната, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“, Салиху пишува: За неколку месеци ќе има парламентарни избори во * Македонија. Целта е да се деблокираат евроинтегративните процеси, поради условувањата од Бугарија. Ќе има премиер-Албанец, како што предвидува коалицискиот договор меѓу ДУИ и СДСМ. Првиот албански премиер во * Македонија ќе биде сегашниот претседател на Собранието. За дел од македонските политички и културни елити е неприфатливо албанските партии да имаат истовремено премиер и претседател на парламентот.

Отсега па натаму ќе има многу врева, многу етикетирање, многу политичка пропаганда, затоа што индиферентните гласачи мора да се разбудат од летаргијата и да влезат во политичкиот вител. Колку повеќе се политизираат гласачите, толку повеќе се охрабруваат да излезат на гласање. Тоа е позната шема. Во овие околности треба да се очекува дека политичките партии ќе создадат поволна атмосфера за интеграција на земјата во ЕУ.

Кампањата треба да се развива во насока на тоа која партија би гарантирала најбрзо приближување на земјата кон ЕУ. Во реалноста се случува спротивното. На сцената повторно се појавија поттикнувачите на меѓуетничката напнатост, бидејќи таа е „корисна“ за време на избори. Повторно јавниот простор е затруен со националистички слогани. Повторно се зборува за „патриоти“, „предавници“ и „историски моменти“. Истата предизборна игра се повторува низ децениите.

Европските интеграции се од животно значење за земјата, особено во ова мрачно време, било на регионален, било на глобален план. Сè додека * Македонија останува далеку од вратите на ЕУ, не можеме да се надеваме на подобрување на животот на граѓаните, ниту можеме да го спречиме страшното раселување на населението, кое има долгорочни последици.

Има политички и културни елити, кои се против евроинтеграциите дури и кога не го кажуваат тоа отворено. Нивниот говор е спротивен на европските барања, вредности и стандарди. Во * Македонија има надземни и подземни сили, кои не сакаат земјата да се приближи кон ЕУ, бидејќи имаат други агенди. Овие елити прифаќаат се, но не и рамноправен статус на Албанците во оваа држава. Со години зборуваат за „имагинарниот Албанец“, кого го гледаат како „внатрешен непријател“ и како „дежурен виновник“. Но денес оваа пропаганда ја развиваат во пософистицирана форма.

* Македонија го нема луксузот да ја доведува во прашање европската интеграција, бидејќи би била оштетена и надворешно и внатрешно. Политичките и културните елити, чии чии антени се насочени во спротивен правец на ЕУ, работат против оваа држава.