Никој нема да плаче за Таче – Пишува Роберт Димитриевски

Оставката на Димитар Ковачевски од премиерската функција најавена за утре е најдоброто нешто што можеше да ѝ се случи на Македонија во моментов. Зошто понеуспешен претседател на Владата немало во историјата на македонската држава. Дури и наследникот Талат Џафери ќе мора да запне од петни жили за да го досегне дното на секое поле што го допреа Таче и ултранеспособните министри во неговиот кабинет што ги малтретираа граѓаните последниве две години.



Два најсвежи момента најдобро го илустрираат владеењето на неизбраниот од граѓаните, туку насаден од не помалку некадарниот несуден нобеловец од Муртино, Зоран Заев. Турканиците на поларни температури пред ПС „Пролет“ за сликање за „северни“ документи, но и во МТВ за нивно подигнување, како и почетокот на второто полугодие со вкупно 250 ученици помалку само во Гостивар и во Штип поради иселување од државата зборуваат повеќе од сè.

По што уште ќе се памети „тачизмот“ во жална Македонија? Уф, од кај да се почне? Досега невидена корупција, која не можеа да ја премолчат дури ни менторите од САД и од Холандија. Немилосрдна партизација и непотизам во институциите. Потрошени стотици милиони евра за автопатски делници што никако да почнат да се градат и за фабрика за електрични возила што одамна не е ни ветување. Докрајчување на и онака руинираното судство со измените во Кривичниот законик со кои, наместо вистинските криминалци, по затворите останаа само уште уставобранителите и по некој крадец на ќебапи. Силување на Собранието преку штанцање закони со европско знаменце секогаш кога владејачкото мнозинство ќе намисли да протурка решенија наспроти отпорот на стручната јавност и на огромното мнозинство граѓани. Колосална бесчувствителност со зголемувањето на сопствените плати за 78 проценти наспроти трошки за останатите. Вселенска нехуманост со злосторот на Онкологија и со лековите за болните со ретки болести. Неможност две учебни години да се испечатат учебници…

Ковачевски ќе остане запаметен и како некој што само глумеше премиер, додека лостовите на власта во пракса ги држеа ДУИ и неговиот прв заменик Артан Груби. Наоѓаше оправдување за секој пропуст или хир на министрите на Али Ахмети, како играњето фудбал или славењето на неговиот роденден во министерството за вработување кадри на лажните „зелени“. Толку се надмина во сервилноста кон партијата со речиси три пати помалку пратеници од неговата, што го претвори СДСМ во помал партнер во Владата и го доведе во ситуација буквално да зависи од поддршката на ДУИ и на другите партии на Албанците на изборите во мај.

Немуштите јавни настапи и недоброените гафови ќе беа најмалиот проблем ако барем во нешто ги оправдаше очекувањата од шеф на Владата во служба на граѓаните. Личниот рејтинг на ниво на статистичка грешка „математички прецизно“ ја отсликува нивната доверба во најбезличната фигура што некогаш стоела на чело на извршната власт. Токму затоа, ама баш никому нема да му недостига. Напротив.