Загарантираните цени ќе продолжат и следниот месец. Владата одлучи да ги продолжи мерките за замрзнување на цените на храната и безалкохолните пијалоци до 29 февруари. Но економисти велат тоа е чист популизам пред избори. Според професорот Зоран Ивановски, тоа не може да трае долго, и се има рок на траење. Вели мора да се размислува на долг рок, не да се прават само краткорочни решенија. Тој во интервју за МРТ, вели дека добро е да се активираат и стоковите резерви, со цел да се ублажи ценовниот удар, кој постојано се засилува.

„Со измените и дополнувањата донесени во постојната одлука на предлог на Министерството за економија, ценовното ограничување се продолжува до 29 февруари 2024 година, наместо до 31 јануари 2024 година, за одредени видови основни прехранбени производи и тоа: ориз, брашно, леб и други лебни производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и месни производи, млеко, јајца, кашкавал, сирење и други млечни производи, природна и газирана вода и други газирани и негазирани течности, како и одредени видови светло пиво“, наведоа од Владата.
Од Министерството за економија велат дека мерките се продолжени бидејќи покажале видливи резултати, споредувајќи ја минатогодишната инфлација која беше над 20% за храна и безалкохолни пијалаци, додека целокупната инфлација беше 14,5%. Дополнително, ова продолжување на мерката му овозможува на Собранието во февруари евентуално да го донесе ветениот Закон за спречување на нелојални трговски практики. Тој треба да ја ограничи профитната маржа на 10%.





