Професорката Мирјана Најчевска спори со вчерашната изјава на помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн според кој „Македонските граѓани ќе имаат јасен избор во наредните месеци – меѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго. Нивно е да одлучат“.
„Не е точно тврдењето на Џејмс О’Брајaн дека СДСМ е изложена на критики затоа што предложила како да се оди напред.Изложена е на критики затоа што е недемократска партија која ја озаконува корупцијата и која не е спремна да почитува ниту една европска вредност.
И не е точно неговото тврдење дека една партија тврди дека може да се оди напред без да каже како. Имено, веќе во повеќе наврати на различни начини од различни субјекти беше кажано и образложено како може да се оди напред и на друг начин.
И не е точно тврдењето на Џејмс О’Брајaн дека граѓаните треба да одлучуваат на изборите меѓу визија и ветување. Граѓаните на Македонија на изборите ќе избираат свои претставници кои ќе ги претставуваат нивните потреби и ќе ги застапуваат нивните интереси во највисокото законодавно тело во наредниот мандат.
Според мое мислење – пишува во објава на Фејсбук Најчевска – Џејмс О’Брајaн (помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД) или многу малку знае за политичката сцена во Македонија и состојбата на терен, или не и мисли добро на Македонија.
Во секој случај, неговите пораки ги разбирам како штетен говор кој нанесува штета на демократијата и владеењето на правото во Македонија и поттикнува на поделби по различни основи“, оценува Најчевска.






