Со освојувањето на 17. место на тековното Европско првенство во Германија, Македонија и дефинитивно ќе биде меѓу носителите во баражот за Светскиот шампионат 2025 во Хрватска, Шведска и Данска, потврди Европската ракометна федерација (ЕХФ), истовремено најавувајќи го извлекувањето на двојките за в сабота.
Можни противници на избраниците на селекторот Кирил Лазаров се Грузија, Србија, Фарски Острови, Швајцарија, Романија, Грција и Босна и Херцеговина од ова ЕП, како и подобрите меѓу Белгија и Италија, Естонија и Украина, Финска и Литванија, односно Словачка и Луксембург/Израел од првиот круг на баражот.
Двата натпревара „црвено-жолтите“ ќе ги одиграат меѓу 8 и 12 мај.
Покрај трите соорганизатори на мундијалот, директно учество ќе обезбедат уште три најдобри селекции од еврошампионатот што е во тек.






