В четврток Ковачевски и Џафери ќе поднесат оставки, петок ќе биде ден за избор на нов собраниски спикер, а во недела пратениците ќе гласаат за техничката влада- дознава Канал 5 од извори од владејачкото мнозинство. Според информациите, се очекува овој план утре да биде потврден на понеделничката координација на пратеничките групи во Собранието.
Како што и претходно беше најавено, по оставките на премиерот и претседателот на Собранието, ќе биде предложен Јован Митрески од СДСМ за спикерската позиција, потоа ќе го информираат претседателот Пендаровски за доделување на мандат на нов технички премиер, во случајов Џафери, кој ќе има обврска да го испрати владиниот предлог-состав на министри, заменици и дополнителни министри до законодавниот дом за гласање.
Сепак, нејасно останува прашањето како власта планира да го спроведе планот до крај, со оглед на најавата дека до Собранието нема да ги испратат предлог-министрите кои и следуваат на ВМРО-ДПМНЕ.





