Јасно и строго му потенцирав на Нимиц дека не е надлежен да говори која е политиката на Атина, ниту да ја опишува, и тоа на погрешен начин, соопшти шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас по телефонскиот разговор со медијаторот на ОН во спорот за името.
– Имав долг разговор со личниот претставник на Генералниот секретар на Обединетите Нации, со господинот Нимиц, кој се врати од Скопје. Јасно и строго му потенцирав дека не е надлежен да говори која е политиката на Атина, ниту да ја опишува, и тоа на погрешен начин – истакнува Коѕијас и додава дека преговорите треба да се водат врз основа на она што било договорено во Давос, но и врз основа на ставовите што се поклопуваат.
Во соопштението се наведува дека врз основа на брифингот за разговорите што ги имаше Нимиц во Скопје, Коѕијас разјаснил дека преговорите не можат да се водат поинаку освен во продолжение на договореното во Давос.
Покрај тоа, секои добронамерни преговори се водат врз база на конвергенциите што веќе се постигнати, пишува во соопштението од шефот на грчката дипломатија.
Никос Коѕијас ја поздрави изјавата на вселенскиот патријарх Вартоломеј кој упати повик за трезвеност и воздржаност.





