Борис Џонсон го поддржа Доналд Трамп пред претседателските избори во САД во ноември, велејќи дека неговото враќање во Белата куќа може да биде „точно она што му треба на светот“, пренесува „Гардијан“ делови од колумна на поранешниот бриотански премиер за „Дејли мејл“.



Тој смета дека ако Трамп ја поддржи Украина во нејзината војна против Русија, неговото обновено водство „може да биде голема победа за светот“.

Сепак, Трамп постојано фрла сомнеж за континуираната американска поддршка за Киев доколку тој биде реизбран, истовремено фалејќи се со неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин. Трамп, кој исто така постојано го критикува НАТО, и претходно тврдеше дека може да стави крај на руската војна против Украина за 24 часа, потсетува „Гардијан“.

„Победата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на изборите во 2024 година можеби е она што му треба на светот во моментов“, вели Џонсон.

Тој ги повика своите „арогантни пријатели“ кои се противат на кандидатурата на Трамп да се смират.

„Сите ние треба да пораснеме и да се навикнеме на оваа перспектива. Ако ја направи вистинската работа и ги поддржи Украинците – и верувам дека ќе го направи тоа – претседателството на Трамп може да биде голема победа за целиот свет“, додаде политичарот.

Поранешниот британски премиер нагласи дека „не ги минимизира“ „извонредните квалитети“ на актуелниот американски претседател Џо Бајден и „не ја минимизира грубата грешка на Трамп“ со упадот во Капитол во јануари 2021 година.

Претседателските избори во САД се закажани за 5 ноември 2024 година.
Во трката учествуваат тројца независни кандидати, исто толку од Демократската партија, вклучувајќи го и Бајден, и четворица политичари од Републиканската партија, вклучувајќи го и Трамп.

Конечната одлука за тоа кого партиите ќе предложат за претседателски кандидат ќе биде донесена на прелиминарните избори.