Важноста на личните документи, особено на пасошите, со право, го вознемири целото општество, иако е тоа лесно решливо. Ако се знае како. За личните карти е тоа делумно завршено, ама не целосно. Затоа, МНР, Османи, едноставно, со дипломатска нота, треба да ја извести Атина дека Македонија не успеа, и нема можности, да ја реализира обврската од договорот од Нивици, за промена на личните документи на граѓаните, во предвидениот рок. Заради vis maior (виша сила), присилена е тој рок да го продолжи за одреден период.
Нашата обврска останува, ама до кога ќе трае тој рок, ќе бидат дополнително известени бидејќи е во прашање огромен број на документи.

Толку, ништо повеќе. Со исто таква нота ги известивме дека договорот е ратификуван во Собранието, дека променет е Уставот… Значи, конкретна таква пракса веќе има и околу овој договор. Сега, ќе им соопштиме и нешто што нема да им биде баш по волја! Со тој чекор, ќе продолжат да важат и личните карти, како и до сега.
Нема никаква потреба некој со некого да разговара, да убедува или да моли. Тоа би било само наше ново непотребно понижување. И, што? Претседателот, или премиерот, или МНР, ќе се јават на своите хомолози во Атина, ќе им објаснат кој е проблемот, а тие, што можат да им одговорат или ветат? Апсолутно ништо. Никој нема такви овластувања. Само, ќе им се чудат на паметот и на неписменоста.
Предложениот начин е регуларна дипломатска постапка и пракса. Апсолутно е соодветна и за овој случај. Арно ама, само за тие што знаат. Грција, пак, нема право, ниту простор, на никаков приговор. Нема никаква основа за такво нешто, бидејќи не се откажуваме од понизната согласност за роковите, ниту предлагаме промена на договорот, иако и тоа ќе треба да следува, еден убав ден.
Информацијата можат да ја примат само на знаење. А, ако се осмелат да тропаат глупости, со некаква реакција, што не би требало да се случи, треба само да се прашаат – а, што спроведовте вие од вашите малу бројни или никакви обврски, од за нас катастрофалниот договор? До каде стигнавте, на пример, со трите протоколи, коишто мораше одамна да ги ратификува вашиот Парламент? До – никаде. Има и други прашања, ама и ова е доста.
Би било многу попаметно на Грција да ѝ се предложи рокот за документите, од пет, да се продолжи на 10 години, ама тоа е покомплицирано. Во таков случај, потребна би била и нивна согласност, а според овој предлог – не е.
Неспорен факт е дека државата, значи оваа власт, не успеа да ги исполни прифатените понижувачки клаузули од договорот (член 1, точка 8, 9 и 10) за неразумно предвремено менување на личните документи на граѓаните. И, сега е во тесен ќорсокак. Изборот им е – или да ги остават сопствените граѓани во немилост и хаос, што би било крајно безумно, или проблемот да го решат на професионален, и единствено можен начин. Впрочем, тука нема никаков избор, ниту потреба од нешто такво, туку само одговорно, државничко однесување, според расположивите механизми.
Државите се формирани за да се грижат за своите граѓани. Да им обезбедат услови за безбедно и функционално исполнување на нивните обврски, на задоволство и добро бит на сите. Оваа наша Македонија, меѓутоа, очигледно е исклучок од сѐ што е нормално. Дека е тоа точно, примерите се секојдневни и запрепастувачки. Онкологија, М-нав, Бехтел и Енка… Крај нема, и сѐ е јасно.
Со наметнатиот рок за важност на личните документи, намерно или не, што и не е важно, власта масовно ги малтретира граѓаните, без да бара решение. Прво и главно, потпишаа катастрофален и предавнички договор со Грција, со којшто прифатија дека ние не сме Македонци туку дека такви – некакви, ама никакви и измислени, имало во Грција. Второ, надвор од умот, со истиот тој поразителен и срамен договор, за којшто ќе мораат и кривично да одговараат, прифатија граѓаните пред време да мораат да ги менуваат и сите свои важечки документи! Во нереален рок, изваден од левиот џеб и, што е можеби уште поголема будалштина – на лична сметка на граѓаните! Некого го тераш да мора да го смени личниот документ, заради твоја глупост, и за тоа да мора да плати!? Бидете сигурно дека вакво нешто немало ниту во пусто турско.
Без личните документи, луѓето не можат да битисуваат. Им требаат, за сѐ нешто. И, во мизеријава во којашто живее најголем дел од населението, им ставаш уште клинец, не трн, во нога! Барем малку акал да имаа овие од власта! За турканиците нема да зборуваме бидејќи сите сте ги виделе на телевизиите.
Сите ние имаме свои обврски коишто, без соодветен документ, не е можно да ги реализираме. Особено, тоа важи за пасошите. Луѓето сега масовно патуваат, што е за поздравување. Многу фамилии се поделени, со нивни членови коишто живеат и работаат во странство. Без пасоши, им ја ограничуваш слободата на движење, што е противуставно! Јавно се кажа дека уште најмалку 1.300.000 лица треба да ги променат пасошите што, во дадените услови, не е возможно да се заврши ниту за година дена.
Имаме министер за надворешни работи, Бујар Османи, којшто не ги разбира работите. Не е директно поврзан со проблемот, бидејќи формациски тој е на МВР, ама има и негова нагласена обврска. И, место тој да бара решение, се заканува – „Не се надевајте дека по пропишаниот рок ќе можете да ги користите досегашните патни исправи“! Неверојатно, ама вистинито.
Може ли на човекот да не му е јасно дека надвор од земјата, а тоа е токму неговиот ресор, има барем 100 илјади лица (бројка извадена од ракав, којашто може да биде и двојно и повеќе поголема, ама и помала)?! Од три земји, лично ми се јавија за совет што да прават? Сите тие, по 12 февруари, ќе останат без својот основен документ – пасошот! Во странство, тие ќе бидат апатриди, без своја татковина. Дали со тоа им се дава можност да бараат азил, со објаснување дека нивната држава се откажала од нив? Ни треба ли ново понижување на Македонија? Звучи смешно, ама е жалосно.
Целата колумна на Ристо Никовски на следниот линк:





