Поранешната пратеничка Никица Корубин повикува да не се проблематизира договорот со Грција, зошто македонската држава немала право да го монополизира името на регионот Македонија.
„Сега има нова политичка реалност која бара дефинирање која е и што е Република Северна Македонија со регулирани односи со соседите. Ние не можеме да го монополизираме името на еден поширок регион. Затоа имплементирањето на договорите со Грција и Бугарија и Охридскиот договор ја дефинираат државата и не треба да се проблематизираат“, изјави таа во „Студио 10“ на ТВ 24.
Експратеничката на ЛДП, која потоа стана независна и мандатот до 2020 година го доврши како дел од владиното мнозинство на СДСМ, гледа проблем и во наративот за Македонија како жртва.
„Сегашниот наратив е Македонија како жртва и тоа станува заднина во мислењето и ставот на секој граѓанин сеедно дали ‘проблемот’ ни го прави Грција, Бугарија или ЕУ. Резултатот од ова мислење е дека оваа држава не ја бидува. Ова е опасна теза за егзистенцијата на државата, која има потенцијал да се развива, но како дел од ЕУ“, објаснува Корубин.
Магистерката по археологија и историја на уметност, кој работи во невладиниот сектор, кој уште еднаш нагласи дека немало бугарски диктат, означувајќи го тоа како пропаганда на која подпаднале „неинформираните“ Македонци.
„Етничките Македонци се најнеинформирани и се најмногу изложени на пропаганда, која делува и свесно и несвесно, дека станува збор за ‘бугарски диктат’. Тие се изложени на тоа во поголем дел од времето и врз основа на тоа го градат своето мислење“, смета Корубин.






