Скромниот уметник од Чаир кој Македонија не смее да го заборави

Роден е во Чаир-Скопје како средно дете помеѓу моќниот, славен и талентиран Драган Шуплевски и шармантната единствена сестричка Данче (подоцна) Костиќ – незаборавната професорка по пијано во музичкото училиште.



Еден од најдобрите македонски виолинисти Гане Шуплевски кој почина во Март 2020 според зборовите на членовите на неговото семејство претставува балансно, наизглед помалку забележливо, но сврзно ткиво на семејството Шуплевски.

Гане е тој што останува во Чаир да ги чува родителите во неизвесноста на годините кои сосема ке ја променат нашата стара Скопска населба, пишува неговата ќерка Сања во сеќавањето за татко си чии спомени ги пренесуваме во целост:

Татко му, Трајко Шуплев, вработен во тогашниот Театар и Опера бил основач на првите мандолински аматерски и училишни оркестри во Скопје – подоцна наставниците во основното училиште во Чаир ме препознаваа како внука на строгиот професор по нешто неважно за нивното време – музиката.

Гане почнал да учи виолина на 11 години кај италијански професор кој останал овде по Втората Светска војна. Потоа завршил виолина на факултетот во Белград заедно со брат му Драган и истакнати личности како Зографски, Николовски, Џамбазов, и други.

Додека е во војска, времето го пополнува земајќи учество во Маријачи-бенд со кој настапувал и снимал Мексиканска музика по тогашната Југославија, па затоа од војска се вратил побогат од било кога во друго време во својот живот и во Скопје си купил автомобил – Фиќо, машина за перење за мајка му и нов мотор за татко му.

Потоа следува неговиот професионален ангажман во Скопје при основањето на националната Филхармонија, оркестрите на Македонската Радио и Телевизија.

Ја сакаше музиката искрено и сестрано – вклучувајќи ги многубројните нејзини жанрови и затоа со радост ги прифаќаше и ангажманите во операта, народните и ревиските оркестри на Македонија.

Во прекрасните македонски шлагери и песни од “Златно Славејче” сеуште можам да ја препознаам бојата на неговата виолина меѓу оркестарот.

Беше убав, весел, непосреден и талентиран – истовремено скромен без нималку самовљубеност или лажна претстава за сопствената вредност – секогаш свесен за тоа колку може и колку “не може” и од каде потекнува.

Сметам дека токму поради својата оригиналност и скромност успеал да ја придобие мајка ми Светлана, журналистката на МТВ од херојското семејство Коробар. Таа живеела во строгиот центар над некогашниот Путник од каде заради љубовта кон Гане се преселила во Чаир – една сосема различна средина, не многу романтична, но со голем (Чаирски) двор, гурмански афинитети, домашно производство на вино, и бројно семејство со чии членови секојдневните дружења траеа до крајот на нејзиниот зивот.

Гане имаше амбиции, љубов кон професијата и она што му беше потребно за кариера, но секогаш го преферираше семејството и лојалноста кон пријателите.

Не се здоби со професорско место иако тоа зависеше од пријателите, вежбаше за аудиција но никогаш не доби можност за аудиција и не седна на првиот пулт во Филхармонијата иако тоа го заслужуваше а пријателите диригенти и директори носеа млади луге понекогаш и од странство кои без да полагаат аудиции седнуваа пред него. Сето тоа Гане го поднесе спокојно, не им замери на пријателите, без ниеден “лош збор” и никогаш не посака да наштети некому. Беше среќен што е дел од сите големи музички настани во Македонија и совесно вежбаше за секој нов концерт на Филхармонијата или претстави на Операта.

Како деца не носеа на одмор во Грција дури и по 3-4 недели. На плажите Гане беше неуморен во игрите со нас – многубројните деца од семејствата Шуплевски и Костиќ и семејствата на пријателите. Од сите страни се слушаа гласови на Ирена и другите внуци: Ујко Гане Ујко Гане….. кога тој ке поминеше на плажата ги слушав Германците како си шепкаат зад неговиот грб: ,,Дас ист Ујко Гане” – Ова е вујко Гане (славниот човек од плажата или можеби предупредуваа дека завршува тишината на плажата).

Ја сакаше многу сопругата Светлана, беа среќни со мајка ми, и често навечер и ги свиреше мелодиите за виолина кои секогаш ја фасцинираа. Сепак ги помнам најсреќни и најбезгрижни кога се пензионираа, тогаш дојдоа да ме посетат во Канада со намера заедно да го пречекаме “доаѓањето на овој свет” на внуката Веда.

Интересно – на бројните семејни забави се знаеше дека омилена песна на Гане бесе “Ерген Одев”. Како и во песната, се разболе мајка ми а тој несебично се грижеше за неа со целата своја сила до крајот, сметам од тука и неговите потешкотии со движењето понатаму во животот.

По смртта на мајка ми живееше со мене и моите деца, во Соње, во Охрид, во Центар како и во меѓувреме и со колегата флејтистот Стантич на кого сум му многу благодарна.

Прво јас кога одев на работа дедото ги чуваше децата потоа јас кога одев на работа децата го чуваа дедото. Ме радува тоа што со децата имаме заеднички спомени за него, ни беше чест да се грижиме за него, иако кон крајот стануваше се понапорно, Гане секогаш имаше насмевка на лицето и по некоја шега за нас. Тоа ке ни недостасува засекогаш.

Беше силен до крајот, единствената солза која ми ја покажа во својот живот беше на денот кога си замина, во бесознанието кое настапи со изливот од кој почина, претпоставувам му поминуваше животот низ мислите и можеби поради некое сеќавање му потекоа солзи од убавите очи.

Лепотану мој, Гане Шуплевски од Чаир, ти благодарам неизмерно за плажите кои ми ги обезбеди кога бев дете, за твојот придонес кон музиката во Македонија, за спокојството на твојата личност, за љубовта, за цврстината и достоинствената човечност – тоа што го научив имајки среќа да сум до тебе, ќе ми трае цел живот. Вечна ТИ Слава

Сања Шуплевска Боирел