Колку граѓани платиле за пасош со новото име три пати поскапо?

Колку граѓани платиле тројно поскапо за патна исправа ? Министерството за внатрешни работи не одговара на прашањата од медиумите колку пасоши со новото име се издадени по итна постапка. Со оглед на тоа што рокот за менување на личните документи истекува на 12 февруари, а термини за редовна постапка има дури за јули, голем број граѓани вадат документи по итна постапка.
Порталот Сакамдакажам.мк упатило прашање во Министерството колку пасоши се издадени по итна постапка во изминативе 6 месеци откако почнаа гужвите, но од МВР само им доставиле збирна бројна колку лични документи досега се издадени со новото име, пишува порталот.
„Од 05.07.2021 до 16.01.2024 се издадени 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546.741 возачки дозволи“, стои во одговорот на МВР.
Издавање на пасош по итна постапка чини 6.200 денари и се издава најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето за издавање.



Според Преспанскиот договор со Грција од 2018 со кој се реши 30-годишниот спор за името на земјава, личните документи мора да се заменат со новото уставно име до 12 февруари годинава. Уставните измени со кои името на државата стана Република Северна Македонија беа усвоени во Собранието на 11 јануари 2019. Но, Министерството за внатрешни работи почна да издава лични документи со Северна дури на 5 јули 2021, односно две и пол години откако беше променето името на државата. Па така, многу граѓани имаат извадено лични документи само пред две години и сега повторно треба да ги менуваат и за тоа да плаќаат.
На шалтерите на МВР пак секој ден има големи гужви и за подигнување на документите. Се чека по 5 часа за да се земат од просториите во МТВ, без оглед дали се издадени во итна или во редовна постапка.
Извор:
https://sdk.mk/index.php/naslovna/mvr-ne-kazhuva-kolku-pasoshi-so-severna-se-izdadeni-po-itna-postapka-shto-e-tripati-poskapo-od-redovnata/