Контролорот на летање Едмонд Калиќи е нов член на надзорниот одбор на М-НАВ, државната компанија. Калиќи е предлог на синдикатот на М-НАВ. Овој синдикат со своето делување, кое некои по стресните настани во кулата за летање на скопскиот меѓународен аеродром, го именуваат како пркос ја дигна на нозе македонската влада. Таа дури и мораше да објаснува пред високите претставници на НАТО во Македонија дека во М-НАВ нема да се повтори силеџиство.
Најинтересно е тоа што токму Калиќи бил еден од тие контролори на летање кој бил предмет на нападот во контролната кула на М-НАВ при што група насилници предводена од лидерот на чаирскиот огранок на ДУИ покажа елементарна нецивилизираност. Затоа што осумина чаирчани влегоа во просториите каде се навигираат авиони (патнички, но по потреба и воени воздухоплови) и физички нападнаа еден или неколку контролори на летање за време на нивната работа во смена. На прес конференцијата утредента главниот извршен директор во заминување од таа компанија упадот и физичката пресметка ја опиша како „мало кошкање“. Четири дена потоа директорот доби шут-карта од Владата.
Сега со именувањето на Едмонд Калиќи како член на Надзорниот одбор на М-НАВ и правно формално се отвара простор за смена на двајца од тројцата директори во оваа државна компанија, која две недели е топ тема во македонската јавност.
Извор: Фактор





