Седницата на Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ за смена на раководството ќе продолжи и утре, се до комплетирање на целокупната документација, информираат од Македонската навигација.
Седницата започна денеска попладне, 17 јануари, откако Владата на 9 јануари даде препорака до Надзорниот одбор да разреши двајца од тројцата директори: Фахрудин Хамиди, кој беше извршен директор, и Љубе Стаменковски, кој беше секторски-технички директор. На нивно место треба да се именуваат Хекуран Асани и Милан Кораќ.

„Седницата на Надзорниот одбор ќе продолжи и утре се до комплетирање на целокупната документација, лиценци, дозволи итн. Услови што треба да се исполнат од страна на предложените кандидати од Владата за членови на Управниот одбор“, информираат од М-НАВ.
Според процедурите, како што објаснуваат оттаму, по именувањето на новите директори, ќе следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централниот регистар, од каде се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.
Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.

Асани, кој ќе биде нов извршен директор, е вработен во „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнал со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и инструктор за областа контрола на летање. Тој ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.
Милан Кораќ, пак, кој ќе го замени Стаменковски, е раководител-инструктор за електроенергетика во М-НАВ. Претходно, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.
Разрешувањата во М-НАВ следуваат откако на 4 јануари во објектите на Македонска навигација се случи инцидент во кој беше нападнат контролор на летови. Тоа следуваше откако на прес-конференцијата претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, информираше дека контролори на летање и нивни помошници ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.





