Намалени приходи во Министерството за животна средина поради ненавремено издадени решенија, утврдија Ревизиорите

Неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива констатирал Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерство за животна средина и просторно планирање за 2022 година.



Со ревизија на начинот и средства за финансирање на проекти опфатени во Програмата за управување со водите, согласно која се предвидени средства во вкупен износ од 50.940 илјади денари (околу 51 милион денар), чија распределба е во надлежност на Министерството, констатирано е дека не е воспоставен објективен и реален систем на избор на проекти, како и ризик за несоодветно користење на средства поради непостоење на јасни критериуми и правила специфични за реализација на овие проекти. Имено, со извршениот увид и анализа на документацијата поврзана со начинот на реализација на годишната Програма за управување со води за 2022 година на ревизијата не и беше доставена комплетна документација за сите доставени барања и доказ за нивна евалуација. Со увид во извршената евалуација и предлог листите на општините кои ги исполнуваат условите од програмата и одлуката за избор, утврдено е селективен и не образложен начин на избраните проекти во распределбата на средства за финансирање и реализирање на проектите, а и процентот на одобрените средства од побараните е различен и се движи од 30 отсто до 100 проценти – информираат денеска од ДЗР.

Исто така, поради недоставување поединечни извештаи за реализација на средствата од страна на органите на управата, до Владата не е доставен Извештај за реализација на средствата, состојба која може да има влијание на утврдувањето на реалните потреби за идни програмски и инвестициони активности при носење на Програмата за води од страна на Владата во идниот период. Со ревизијата се утврдени неправилности и во однос на утврдување на динамиката на наплата на надоместокот за користење на водното право кој е приход на Буџетот.

Склучени се спогодби со давателите на водни услуги за плаќање на не наплатениот пресметан надоместок за користење и испуштање на вода на повеќе месечни рати, во вкупен износ од 112.663 илјади денари (околу 113 милиони денари). Заклучно со септември 2023 година од вкупно пресметаните достасани месечни рати во висина од 49.188 илјади денари (49 милиони денари), наплатени се 23.090 илјади денари (23 милиони денари), или 47 отсто, додека за наплата остануваат неплатени надоместоци  кои се приходи на Буџетот во вкупен износ од 1.4 милиони евра – велат од Државниот завод за ревизија.

Оттаму појаснуваат дека врз основа на Уредбата за Методологија за распределба на средства како приход од надоместокот за производство на енергија од фосилни горива, а на предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата секоја година носи Одлука за распределба на средства остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините. Од вкупно регистрирани 111 активни корисници на А и Б интегрирана дозвола за 2021 година (98 корисници на А интегрирани инсталации и 13 корисници на Б интегрирани инсталации) од страна на 18 корисници не е доставен годишен извештај за поседување на интегрираната дозвола.

За 17 субјекти кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи и се евидентирани во Регистарот, од 2018 година не се издадени решенија за годишен надоместок за поседување на А – интегрирана еколошка дозвола. Исто така, евидентирани се ненаплатени побарувања од минати години во износ од 9 милиони денари по основ на поседување на интегрирана еколошка дозвола од кои 5 милиони денари или 53,4% се постари од три години, за кои на ревизијата не и беа доставени докази за навремено и целосно утужување, односно покренување на постапки за присилна наплата на сите должници кои во редовен рок не го платиле надоместокот за поседување на интегрирана еколошка дозвола и со тоа го оштетуваат буџетот на Министерството – велат од Заводот.

Неправилности со извршената ревизија се констатирани и во евиденцијата и наплатата на надоместокот за биоразградливи кеси, не целосен извршен попис на средствата, побарувањата и обврските, не се евидентирани дел од деловните објекти кои ги користи Министерството, како и неправилности во дел од јавните набавки, за кои се дадени препораки во насока на преземање на мерки и активности за нивно надминување.