На денешната владина седница владата наместо да предложи законски измени изразила политичка воља за промена на закон што за познавачите на работата на владата е своевиден виц односно бурлеска во извршната власт.
Иако според законите владата е таа која конкретно треба да почне процедура за носење на закони или за нивно менување министрите денеска изразиле политичка воља, институт кој не е познат во законот за влада.
Владини извори тврдат дека зад оваа невообичаена флоскула од владината седница се крие катастрофа во ставовите на институциите кои даваат правно мислење на владините предлози.
Од владата тврдат дека сите министри имале консензус за политичката воља.
Според официјалното владино соопштение Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за надворешни работи, дискутирала околу предлог на закон за рестрикции на лицата опфатени со Црната листа на САД.
Владата денеска дискутирала за Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки и со консензус, едногласно, изрази политичка волја да се поднесе закон до Собранието на Република Македонија, којшто ќе биде усогласен со македонското законодавство, се вели во владиното соопштение во кое се најавува дека ќе бидат иницирани измени и на други закони, на коишто ќе имаат одраз измените на Законот за рестриктивни мерки.





