Ракометната репрезентација на Македонија ја совлада Швајцарија со 29:27 во арената „Мерцедес-Бенц“ во Берлин и го освои третото место во групата А на Европското првенство во Германија, изборувајќи се за привилегирана позиција во баражот за Светскиот шампионат.
За разлика од дуелите со Франција и со Германија, „црвено-жолтите“ конечно заиграа на потребното ниво и ја остварија деветтата победа на еврошампионатите, истовремено прекинувајќи ја црната серија од седум порази на ЕП.
Уште рано во натпреварот со селекцијата што сензационално ремизира со олимпискиот првак Франција избраниците на селекторот Кирил Лазаров се издвоија резултатски, поведувајќи со 10:5, на полувреме заминаа со предност од 13:9, која ја одржуваа во најголемиот дел од второто, пред Швајцарците да се разбудат во финишот.
Во последните две минути тие и водеа со 27:26, но завршницата им припадна на македонските ракометари, кои преку Томислав Јагуриноски и Марко Митев ставија точка на триумфот.
Токму Митев со 5 гола без промашување беше најдобар во македонскиот напад, во кој 5 гола од 7 обиди запиша десното крило Ненад Костески.
Сепак, најголемите заслуги за победата одат кај голманите Мартин Томовски и Марко Кизиќ, кои забележаа вкупно 14 одбрани, од кои првиот 12 со 36 проценти успешност на интервенциите, а вториот во финишот одбрани клучен седмерец.
Четириесетгодишниот среден бек на Швајцарија, Андре Шмид, заминува во пензија со 12 погодоци.






