Задолжително носење на маските во здравствените установи и во домовите за стари лица и за забрана на посетите во болниците, препорача Комисијата за заразни болести.



Директорката на Инфективната клиника, доктор Милена Стевановиќ информираше дека денеска починала 45-годишна жена на Клиниката од грип.

Таа е шести починат пациент од грип во последните 3 недели..

Во моментот 7 пациенти со грип се хоспитализирани на Инфективната клиника. Хоспитализирани се и 6 пациенти со ковид, во поодмината возраст и со тешки коморбидитети. Комисијата за заразни болести апелира да се вакцинираат особено луѓето кои се во ризичните групи, постарите граѓани над 60 години, бремените жени, луѓето со хронични болести.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, професор доктор Александар Петличковски рече дека сите шест лица кои починале од грип се невакцинирани.

„Има зголемување на случаите на грип споредено со минатата недела и со просечниот број на случаи минатите години. Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на најранливите, а тоа се луѓето со хронични болести и постарите луѓе, над 60 години.

Ги повикуваме да се вакцинираат, уште има достапни вакцини во вакциналните пунктови. Болничките капацитети се во добра форма и загрозување на општата јавноздравствена состојба во моментот не постои“, рече професор доктор Петличковски.