Македонското друштво ‘Илинден’ од Тирана остро го осудува инсистирањето на бугарскиот претседател Румен Радев, кој во областа Гора, во Косово, бара од косовските власти да признаат Бугари во предели каде живеат Македонци. Официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, во Албанија и во Косово, обидувајќи се да ги претстави како ‘Бугари’.“ – ова се наведува во соопштението, кое утринава го објави на својот фјсбук-профил Никола Ѓурѓај, претседател на оваа асоцијација на Македонците од Албанија.
Натаму во соопштението се нагласува: Македонското друштво “Илинден” од Тирана се залага за вистината дека Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ! Нивната самосвест е македонска! Обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени и подведувања за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење бугарски пасоши, со ветувања за стипендии за студирање на младите Македонци.
Цената на тие бугарски „услуги“ се сведуваат на потпишување изјава на Македонците дека се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари. Македонците во облста Гора никогаш не биле, ниту своеволно би биле “Бугари“! Срамен, недемократски и антиевропски е потегот на бугарскиот претседател Румен Радев да го уценува косовскиот политички врв да ги признае непостојните Бугари во Косово. Ваквиот негов потег е веќе виден во Албанија каде што со уцени и закани за нејзината европска иднина Бугарија наметна признавање непостојни Бугари во Законот за малцинства од 2017 година.
Македонското друштво “Илинден” од Тирана ги повикува европските институции да ги запрат уцените од страна на бугарската држава кон други држави со заканите за вето за нивната интеграција во Европската Унија. Македонското друштво “Илинден” од Тирана апелира Владата на Косово да преземе сериозни мерки за грижа за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Косово и да не дозволи признавање непостојно бугарско малцинство таму.
Македонското друштво “Илинден” од Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонската нација е исторски факт и оти нам не ни треба одобрение од други држави, за да се изјасниме дека сме тоа што сме.
Македонско друштво “Илинден”-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај
Home Македонија Македонско друштво “Илинден”-Тирана: Македонците во Косово и Албанија се дел од македонскиот...





