Американски нон-пејпер за албанските партии: Нема уставни измени нема коалиција со ниту една македонска партија

Албанските политички партии во земјава да потпишат нон-пејпер кој ќе претставува гарант дека нема да коалицираат со ниту една политичка партија која нема во план да ги спроведе уставните измени и која нема во план да ги внесе Бугарите во Преамбулата во првите 6 месеци по одржувањето на парламентарните избори.



Ова е главната причина поради којашто заменик-државниот генерален секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О Брајан, в понеделник на 22 јануари ќе слета во Скопје, а во чија актовка ќе бидат спремни неколку нон-пејпери за потпишување – пишува Плусинфо.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку планот на странците се реализира, тогаш ќе се искомплицира составувањето на новата влада, па дури и може да се доведе во прашање нејзиното формирање, што ќе значи опасност од бугарско сценарио за Македонија со неколкукратно повторување на избориот процес.

Според политичките експерти со коишто разговараше Плусинфо, инсистирањето на Американците некои политички партии во земјава да потпишат нон-пејпер претставува директно мешање во внатрешните работи и е директен удар врз демократијата во Македонија.

Во поглед на албанските политички партии, на прашањето дали би прифатиле да потпишете таков нон-пејпер, од партијата на Али Ахмети „како од пушка“ одговараат – да!

Од Алијанса за Албанците велат дека токму уставните измени биле причината поради којашто ѝ дале една година на оваа власт.

„Алијанса за Албанците беше конзистентна во обезбедување на европската перспектива на нашите граѓани, за што последниот чекор е усвојувањето на уставните измени. Поради таа цел му дадовме и една година плус на актуелното мнозинство, за да им дадеме можност токму на уставните измени, а јавно сме кажале дека тоа ќе биде црвената линија за следните коалиции“, велат од Алијанса за Албанците за ТВ21.

Од албанската опозиција, односно од Европскиот сојуз за промени, сочинет од партиите Алтернатива, Беса и Демократско движење, велат дека не гледаат никаква потреба да потпишат нон-пејпер заедно со ДУИ.

„Не гледаме потреба да потпишеме некаков документ заедно со ДУИ, која и од меѓународниот фактор е оценета како главна пречка на ЕУ интеграциите на земјава. Ние би коалицирале со секоја партија која гарантира продолжување на евроинтеграциите“, порачаа од ЕСП.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека договори на штета на народот нема да има и порачуваат уставните измени да не се користат за популизам и за политички маркетинг.

Целата анализа на следниот линк:

АМЕРИКАНЦИТЕ САКААТ СО НОН-ПЕЈПЕР СО АЛБАНСКИ ПОТПИСИ ДА ЈА ДРЖАТ НОВАТА ВЛАДА НА КРАТОК СИНЏИР Уставните измени услов за прогласување победа на изборите?