Има многу заинтересирани фирми за изградба на интерконекторот за гас кој ќе нè поврзе со Грција, вели министерот за економија Крешник Бектеши во неделното интервју за РСЕ. Бектеши додава дека се предвидува дополнително да се користи модел на јавно приватно партнерство и во Осломеј каде што би можело да се развие и топловодна мрежа за Кичево, слично на Скопје.
Ова значи дека земјава по неговата изградба нема да зависи само од рускиот гас, кој доаѓа преку единствениот гасовод сега што не поврзува со Бугарија. Рокот за пријавување истекува на 1 февруари.

„Досега има многу компании кои се заинтересирани и меѓународни и домашни и јас сум убеден дека тоа ќе биде успешен процес со кој би отпочнала изградбата околу март и е предвидено во рок не повеќе од 18 месеци ние да имаме целосно нова гасоводна мрежа. Тоа како држава ќе ни ја зголеми сигурноста во снабдувањето и нема да сме зависни само од Русија и Бугарија“, потенцира Бектеши во интервјуто.
Засега не се знае точната сума за изградбата, но Бектеши вели државата има капацитет да ги гради централите во Кичево и во Битола.





