Резултатите што ги објави World Population Review покажуваат дека Македонците и Албанците имаат најнизок просечен коефициент на интелигенција (IQ) во Европа.



Просечниот IQ на Македонците е 81,91, а заедно со нас на дното во Европа се жителите на Албанија со просечен коефициент на интелигенција од 81,75.

Во регионот највисок степен на интелигенција има во Словенија (98,6), а потоа следат Хрватска (95,75), Бугарија со (90,99), Грција (90,77), Србија (89,6) и Босна и Херцеговина, каде просечниот коефициент на интелигенција е 88,54.

Сo IQ 81.91, Македонија се наоѓа на 107 место од вкупно 197 држави во светот.

Според истото истражување, најинтелегентни се Јапонците со 106,48 IQ, а последното место им припадна на Непалците со 42,99 IQ, пренесува МКД.Мк.

Просечниот коефициент на интелигенција е вкупниот резултат извлечен од збир на стандардизирани тестови или подтестови наменети за проценка на човечката интелигенција. При изработката на резултатите, во истражувањето се вклучени подтестови за проценка на знаењето по математика и природни науки, како и читање. Меѓу податоците кои се користат за изработката на просечниот коефициент на интелигенција, се и оние од меѓународното тестирање ПИСА.

Токму учениците од Македонија се најдоа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки според последното ПИСА тестирање од 2022 година, чии резултати беа објавени на почетокот на декември 2023 година.