Една од топ-темите во Бугарија деновиве е претворањето на земјата од голем извозник во увозник на електрична енергија, меѓу другите и од Македонија во првите денови од годинава.
Во четвртокот во 16:15 часот Бугарија увезла 1.316 мегавати струја од сите соседи или речиси 25 проценти од потрошувачката на земјата, која во тој час изнесувала 6166,21 мегавати. Максималната потрошувачка во најстудените денови достигнува над 7.000 мегавати.
Најголемиот увоз во тој час бил од Романија – 569 мегавати, кој по неколку минути достигннал 671. Помеѓу 116 и 279 мегавати дошле од Грција, Србија, Турција и од Македонија.
„Околу нас во моментов има евтина струја и трговците ја доставуваат. Турција има фотоволтаици и термоцентрали за кои не плаќа квоти, а тоа го прави евтино производството од тамошниот ТЕЦ-ови. Романија има големи ветерни електрани и извоз од нив, Грците изградија многу соларни фарми. Струјата од нив дури минува низ Северна Македонија за да стигне до Бугарија, бидејќи далноводите со Грција се зафатени“, коментира претседателот на Енергетската комисија, Делјан Добрев.
Има бугарско производство, но тоа е поскапо бидејќи електраните на јаглен плаќаат квоти за јаглеродни емисии.





