Украинскиот претседател Володимир Зеленски излезе со остри забелешки кон западните партнери, убеден дека толку многу луѓе немаше да загинат во напади со руски балистички ракети, ако Западот ја снабдеше Украина со помоќни системи за противвоздушна одбрана, пишува „Украинска правда“.
„Како можете да живеете и да спиете мирно кога ќе сфатите дека имате десетици од овие системи ‘Патриот’? Ако денес испратите седум системи во Украина, луѓето во Харков, Херсон и Одеса нема да страдаат. Можете ли да живеете нормален живот знаејќи за тоа?“, праша тој на прес-конференција во Рига.
Зеленски вчера ја посети Летонија, каде што се сретна со летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс, заокружувајќи ја турнејата низ балтичките земји по посетата на Естонија и Литванија претходно оваа недела.
Украинскиот претседател укажа на доцнењето на испораката на западното оружје, посочувајќи дека многу Украинци умираат додека Киев чека помош. Тој рече дека не ги разбира ставовите на Западот, но, сепак им се заблагодари на западните партнери за досегашната помош.






