Home Популарно Огромен древен град откриен во Амазонската џунгла

Огромен древен град откриен во Амазонската џунгла

Огромен антички град е откриен во Амазонија, кој бил скриен илјадници години под бујна вегетација.

Ова откритие го менува нашето знаење за историјата на општествата што живееле на тој простор. Научниците известуваат дека куќите и плоштадите во регионот Упано во источен Еквадор се поврзани со неверојатна мрежа од патишта и канали.



Областа е во сенка на вулкан, кој им овозможил на древните жители пристап до плодна почва, но таквата положба можеби довела до крајот на нивната цивилизација. Иако во тоа време имало градови во планините на Јужна Америка, како Мачу Пикчу во Перу, се сметало дека во Амазон има само номадски племиња или помали населби.

„Ова е постаро од кое било друго место за кое знаеме во Амазон. Имаме евроцентричен поглед на цивилизацијата и оваа локација покажува дека треба да ја промениме нашата идеја за тоа што се култура и цивилизација“, рече археологот Стивен Ростајн од Национален центар за научни истражувања во Франција, објави Би-Би-Си.

Градот бил изграден пред околу 2.500 години, а луѓето живееле таму до 1.000 години, според археолозите. Тешко е да се процени точно колку жители имал градот порано, но научниците веруваат дека можело да има 10.000, ако не и 100.000.

“Ова го менува начинот на кој ја гледаме амазонската култура. Повеќето луѓе замислуваат мали групи, веројатно голи, кои живеат во колиби. Но сега гледаме дека тие знаеле и како да имаат покомплицирани урбани општества”, вели археологот Антоан Дорисон.

Научниците комбинираа ископувања и истражување на површина од 300 квадратни километри користејќи воздушни ласерски сензори. Со помош на технологијата LiDAR пронашле 6.000 правоаголни предмети со димензии од околу 20 метри и висина од 2 до 3 метри. Тие беа распоредени во групи од три до шест единици и позиционирани околу квадрат со централна платформа.

Археолозите сметаат дека повеќето од нив биле станбени објекти, со тоа што некои биле користени за церемонијални или религиозни цели. Еден комплекс имал платформа од 140х40 метри.

Објектите биле поврзани со мрежа од прави патишта и патеки, вклучувајќи и една која се протегала на 25 километри. „Патната мрежа е многу софистицирана. Се протега на огромно растојание, сè е поврзано. И има прави агли, што е многу импресивно“, рече Дорисон, додавајќи дека е многу потешко да се изгради прав пат отколку оној што се прилагодува на пејзажот.

Научниците пронајдоа и насипи со канали од двете страни кои веројатно се користеле за канализирање на обилните врнежи. Експертите ги пронајдоа првите докази за овој древен град уште во 1970-тите, но ова е првпат да се вршат опсежни истражувања во областа.

„Замислете дека откривте друга цивилизација како Маите, но со сосема поинаква архитектура, обработка на почвата, керамика“, вели археологот Хозе Ириарте од Универзитетот во Ексетер во Англија. Засега не се знае многу за луѓето кои живееле во античкиот град, освен дека се занимавале со земјоделство и дека јаделе пченка и сладок компир.

Во зградите се пронајдени јами и огништа, како и тегли, камења за мелење растенија и изгорени семиња. Научниците сега имаат намера да проучуваат соседна површина од 300 квадратни километри, која сè уште не е истражена.