Денеска ќе се знае кој ќе ги снабдува со струја домаќинствата и малите потрошувачи

Во 15 часот истекува јавниот повик за универзален снабдувач. До тогаш може да се доставуваат понуди по што комисијата за евалуација треба да ги отвори понудите, да види дали ги исполнуваат условите и да одлучи што понатаму.
Јавниот повик беше објавен на
11 декември 2023 година, а новата избрана компанија од 1 јули 2024 година ќе почне да ги снабдува со струја потрошувачите на регулираниот пазар.



Предвидено е изборот да се изврши преку електронска аукција на која услов е да се понуди профитна маржа пониска од 11,5 отсто, колку што изнесува маржата на досегашниот универзален снабдувач „ЕВН Хоум“.
Инаку, на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ на 30 јуни 2024 година му истекува петгодишниот договор за снабдување со електрична енергија на потрошувачите на регулираниот пазар.