ДВ: Ковачевски беше број 2 во власта, а Али Ахмети број 1

Денес кога се прави резиме на владата на Димитар Ковачевски пред нејзиното заминување, впечаток кој преовладува е дека политички неискусниот шеф на Владата беше проголтан од старите „џомби“ и тој беше бројот 2 во власта, а лидерот на ДУИ Али Ахмети бројот 1, пишува Соња Крамарска во анализа за „Дојче веле“.



(…)

„Инфериорноста на социјалдемократската екипа на „Илинденска“ пред екипата на Мала Речица се смета и за една од причините за корупцискиот бум и падот на судството. Впечатокот дека СДСМ е втора виолина на ДУИ го девалвираше рејтингот на некогашната македонска левица до тој степен што посматрачите на македонската политика веќе се прашуваат што ќе остане од СДСМ по изборите. Или поточно по поразот на изборите.

Ковачевски имаше доволно маневарски простор без ДУИ да неутрализира дел од јавното незадоволство, но се чинеше дека му недостасуваа храброст и искуство во раководење со сложен систем како што е коалициска влада. Можеше да поентира со намалување на функционерските плати како што вети, но тој тоа го одлагаше додека не стана јасно дека нема да се случи.

Исто така и не застана зад своето ветување дека ќе ги испита платите во владините агенции, компании и управни одбори од каде бескрупулозно се пљачка буџетот на легален начин.

Можеше да застане и поцврсто зад М-НАВ кога изборите се веќе на прагот а со тоа и неговата задача да се бори за интересите на неговата партија а не на ДУИ.

Конечно, тој ја пропушти шансата и за култивирање на политичкиот дијалог пропаѓајќи во јазот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и правејќи го невозможен договорот со десницата да испорача гласови за уставните измени за продолжување на преговорите со ЕУ. За тоа вината ја дели со неговиот ривал Христијан Мицкоски кој остана на тврдите позиции, но несомнено е дека не беа исцрпени сите средства за договор ако постоеше политичка волја и вештина за управување со политички дијалог во услови на партиска поделеност, која постоела и ќе постои, но и процесите мора да се водат поконструктивно.

Ковачевски не успеа ниту како партиски лидер бидејќи во СДСМ се водат фракционерски борби кои експлодираат сега кога треба да се номинира кандидат за претседател. Поради тоа, СДСМ која се нарекува себеси проевропска партија, спротивно на европските практики сѐ уште нема кандидат за претседателските избори кои ќе се одржат во април.

Со Ковачевски од Владата заминува и Оливер Спасовски вечниот министер за внатрешни работи, негов ривал и пријател, што води кон нови неизвесности во внатрепартиски односи во СДСМ“, се вели во анализата на Дојче веле.