Деновиве се случи првото државно задолжување на домашниот пазар од почетокот на оваа година, а сумата е навистина огромна и многи поголема од сите досегашни.
Таков висок износ на задолжување на домашниот пазар одамна не се случил, бидејќи тоа како да беше резервирано за задолжувањата кај странски кредитори или меѓународни финансиски институции, додека, пак, на домашниот пазар се обезбедуваа помали суми за финансирање на тековните буџетски потреби.
Но, завчера државата се задолжила на вкупна сума од безмалку 200 милиони евра, или прецизно 189 милиони евра, издавајќи две домашни државни обврзници, едната на 71 милиони евра, а другата на 118 милиони.
Она што е симптоматично е и дека овие големи суми на домашни заеми се земаат со куси периоди на доспевање, односно првата обврзница треба да се врати после две, а втората после три години.
Од вчера двете нови домашни државни обврзници почнаа да котираат и на Македонската берза, а всушност се издадени една недела порано, или прецизно на втори јануари оваа година, односно на првиот работен ден на стартот на 2024 година.
Првата обврзница е без девизна клаузула, на сума од 71,2 милиони евра, а парите државата ќе треба да ги врати исто така на 2 јануари во 2026 година. За нив ќе плати годишна каматна стапка од 4,55 отсто. И втората обврзница е без девизна клаузула, и таа е на многу поголем износ, односно 117,8 милиони евра. Таа ќе треба да се врати после три години, во јануари 2027 година, а нејзината камата, поради повисоката рочност, е повисока, и изнесува 4,65 проценти.
Зошто толку многу пари и требале на државата толку итно да се задолжува кај домашните кредитори а годината само што почнала, не е познато. Какви се плаќања морале да се реализираат, за наеднаш да биде повлечена од домашниот финансиски пазар сума од 189 милиони евра, не е познато.
Во февруари лани државата издаде еврообврзница на износ од 600 милиони евра. Министерот за финансии Фатмир Бесими тогаш изјави дека стратегијата што ја примениле при издавањето на деветтата еврообврзница била со цел државата да обезбеди средства само за покривање на еврообврзницата издадена во 2016 година и обврските што доспеваат за отплата на долгови во 2023 година и тоа да биде со понизок трошок за Буџетот и за граѓаните, со оглед на фактот дека се издаде еврообврзница со рок на доспевање од четири наместо седум години, колку што е рокот на таа што доспева. Каматната стапка беше 6,25 проценти.
Тој тогаш најави дека средствата обезбедени од еврообврзницата се за отплата на долгови и на еврообврзница коишто доспеваат во текот на 2023 година. За покривање на дефицитот, додаде, ќе се обезбедат околу 157 милиони евра преку Инструментот на ММФ, 72 милиони евра грант од Европската комисија, 100 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ, а дополнително и пари од други поволни кредитни линии, како од ЕБОР, ЕИБ, и Светска банка за реализација на проекти.
Инаку, на крајот на 2023 година државата издаде домашна 15 годишна државна обврзница, и тоа на сума од близу 22 милиони евра. Станува збор за државни обврзници со девизна клаузула, чии датум на издавање е 28 декември лани, а ќе достаса на истиот датум во 2038 година. Каматната стапка што ќе ја плати државата, односно нашите граѓани, е 5,9 отсто на годишно ниво.
Извор: Фактор





