Порака од врвот на АА до Ахмети – Фетаи: Идејата АА да ѝ се препушти на ДУИ е предавство! Со Таравари тоа нема да се случи!

„Идејата Алијансата за Албанците да ѝ се препушти на Демократската унија за интеграција е предавство. Тоа е двојно предавство, како кон себе и искрениот активист, така и кон гласачот и народот во целина. Со Арбен Таравари на чело на АА нема да се спроведе ова предавство.“ – нагласува со категоричен тон Арбен Фетаи, високиот функционер во Алијансата за Албанците и шеф на кабинетот на нејзиниот лидер Арбен Таравари. Овој став од врвот на АА, но и своевидна порака директно до Демократската унија за интеграција и посебно до нејзиниот лидер Али Ахмети, како да претставува прво официјално навестување дека Таравари и неговите сопартијци можеби веќе се определуваат да ѝ се придружат на албанската опозиција, обединета во Европскиот сојуз за промени со намера да ги симне Ахмети и „интегративците“ од власта по 22 години.



Елемент повеќе што ја поткрепува можната одлука АА да стане дел од опозицијата и со неа да учествува заеднички на парламентарните избори во Македонија е и неодамнешната средба на Арбен Таравари во Приштина со лидерот на косовската владејачка партија и премиер на Косово Албин Курти, кој, според се, изгледа му дал „конечен сигнал“ на Таравари кај му е местото… Курти и во 2022 година имаше важно влијаење врз обликувањето и составувањето на тогашниот состав на Владата.

Во објавата на својот фејсбук-профил Арбен Фетаи истакнува: „Како обединувачка и зајакнувачка сила на сите оние гласови, кои не се согласуваат со политичкиот монизам и со деградирањето на сите општествени вредности, ќе им ја вратиме довербата на граѓаните во државните институции и ќе создадеме безбедна иднина за сите.“

„Како главен автор на политичката платформа на Алијансата за Албанците, на нејзината парламентарна програма (2020) и на  општинската програма (2021 година), можев да изберам многу текстови, кој ја дефинираат Алијансата за Албанците, нејзината визија и мисија. Но, овие неколку реченици најдобро опишуваат зошто јас и илјадници други активисти станавме дел од оваа партија: Алијансата за Албанците беше, но е и натаму проект за промени, за развој и за враќање на довербата на граѓаните во политиката. АА била и е единствената сила, која може да им стави крај на политичкиот монизам и на заобиколувањето на секоја општествена и национална вредност, што го прави Демократската унија за интеграција. Над се, АА беше и дух на надежта, денес дури и повеќе од кога било, имајќи ги предвид политичките околности во земјата.“

„Идејата Алијансата за Албанците да ѝ се препушти на Демократската унија за интеграција е предавство. Тоа е двојно предавство, како кон себе и искрениот активист, така и кон гласачот и народот во целина. Со Арбен Таравари на чело на АА нема да се спроведе ова предавство.

Инаку, раководството и органите на АА се уште немаат донесено официјална одлука дали ќе останат во владејачката коалиција со ДУИ и ќе настапат на годинашниве парламентарни избори со заеднички листи со кандидатите за пратеници од ДУИ. Или ќе преминат во таборот со Алтернатива, Беса и Демократското движење.