„ВМРО-ДПМНЕ со задоволство ќе ја прифати иницијативата на премиерот Димитар Ковачевски за укинување на Балансерот за правична застапеност при вработување во јавната администрација и воведување на мерит-системот. Но, сепак, сметаме дека премиерот, чиј мандат ќе заврши за десетина дена, нема да собере храброст да го даде предлогот за гласање во Собранието“.
Вака поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во разговор за Плусинфо ја искоментира вчерашната изјава на Ковачевски дека чукнал часот за бришење на Балансерот.
Дека со две раце ќе гласаат за ваквиот предлог тврдат и лидерите на политичките партии на помалите етнички заедници во земјава, додека, пак, некои политички аналитичари сметаат дека сѐ уште не е дојдено време за да се укине Балансерот.
Нека го даде премиерот предлогот за укинување на Балансерот во Собранието, нека биде Владата овластен предлагач, а ние секако ќе го поддржиме. Но, имаме резерва кон оваа негова изјава, за која сметаме дека повеќе е декларативна отколку што тој навистина има некаков концепт за подобрување на мерит-системот во државата, ни изјави пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ако има политичка волја, тогаш дефинитивно можат да се подобрат работите во однос на вработувањата по етничка основа. Досегашната методологија, односно Балансерот, предизвикува девијации во системот и злоупотреба на графата за етничка припадност, па Македонците се пишуваат како Албанци, Албанците како Турци, Турците како Срби… Тоа воопшто не му помага на системот да стане покомпетентен и институциите да станат постручни и помериторни. Така што, ако има политичка волја, тогаш возможно е да се подобри системот во корист на професионалноста во државните институции – вели Милошоски.
Тој не се согласува со тврдењето на некои политички експерти дека токму вработувањето партиски војници по етнички клуч ја држи коалицијата на власт и дека евентуалното укинување на Балансерот ќе значи рушење на секоја власт што ќе го стори тоа.
– Тоа е прашање на политичка проценка и на тоа со колкаво мнозинство располага коалицијата на власт. Но, пак ќе кажам, ако премиерот во заминување сака да ја тестира волјата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нека го предложи укинувањето на Балансерот како законски текст во Собранието. Сепак, јас сметам дека изјавата му беше изнудена поради преголемиот број скандали во изминатиот период. Со оваа изјава како да сакаше да се покрие себеси и да се изземе од одговорност – објаснува Милошоски.
Ако некој не забележува дека системот се злоупотребува, додава тој, тогаш погледнете што се случуваше во М-НАВ.
– Вработувањето по етничка основа не само што ѝ носи непрофесионалност на институцијата, туку може да предизвика и загрозување на бебедноста во институција којашто спаѓа во критична инфраструктура. Реакциите на партиите изненадувачки беа прилично слични, на иста линија, дека вака веќе не оди. Тоа е сигнал дека поголем број политички партии би биле расположени да се корегира овој веќе нефункционален систем којшто создава нефункционалност на институциите – изјави пратеникот.
Целата анализа на следниот линк:





