Расте бројот на неплаќачите на даноци – Колку фирми и граѓани должат милиони евра на државата?!

Нема ден, а да не поасте бројот на неплаќачите на даноци, односно дожници кон државата. Вкупниот број на должници кои не платиле данок се искачи на 5.573. Од нив 1.857 се правни, а 3.716 физички лица. Кај правните лица бројот е зголемен за 25 во однос на претходно објавената листа, а кај физичките лица за 74.



Споредено со претходниот извештај, бројот на фирми должници, меѓу кои и јавни претпријатија овој пат е поголем за 25, односно 74 граѓани повеќе должат кон УЈП. Следствено на тоа, има пораст на обврските за 17,1 милион евра.

На списокот кој вообичаено го објавува Управата за јавни приходи стои дека вкупниот нето долг кон државата изнесува 10,108 милијарди денари, што е повеќе за 1,054 милијарди денари од претходната листа. Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 9,925 милијарди денари или повеќе за  1,078 милијарди денари од претходната листа, додека долгот за царински давачки е 184 милиони денари (помалку за 23,9 милиони денари од претходната листа).

Инаку, листата на должници УЈП ја објавува за долгови по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност; и повисок од 300.000 денари за правните лица.

Листата се однесува на долгови доспеани до 30 септември, а неплатени до 31 декември 2023-та година.