Светска банка во својот најнов, јануарски извештај за перспективите на глобалната економија предвидува дека бруто домашниот производ на Македонија во 2024 година ќе порасне за 2,5 проценти, што е петти најнизок раст меѓу 22 опфатени земји од Европа и Централна Азија.
Дури и со војна разурнатата Украина ќе има значително повисок раст од македонскиот, позициониран на 3,2 отсто, а лидери меѓу наведените држави ќе бидат Таџикистан и Узбекистан со по 5,5 отсто, Грузија со 4,8 отсто, Ерменија со 4,7 отсто, Казахстан со 4,3 отсто, Молдавија со 4,2 отсто итн.
Од земјите во регионот Светска банка им предвидува повисок раст на БДП од македонскиот на Косово од 3,9 проценти, Романија 3,3 отсто, Албанија и Црна Гора по 3,2 отсто, Турција 3,1 отсто, Србија 3 отсто, Босна и Херцеговина 2,8 отсто, Хрватска 2,7 отсто.
Полоши перформанси од македонската економија годинава Банката очекува само од Белорусија (0,8 отсто), Русија (1,3 отсто), Азербејџан (2,4 отсто) и Бугарија (2,4 отсто). Првите две се под санкции од западните земји, а Русија и во војна.
Уште полоши се предвидувањата на Светска банка за 2025 година, кога за Македонија прогнозира раст на БДП од 2,9 проценти, помал само од Белорусија (0,8 отсто), Русија (0,9 отсто) и Азербејџан (2,5 отсто).
За споредба, БДП на Украина в година ќе порасне за 6,5 проценти, најмногу меѓу 22. земји, е прогнозата на Банката.






