Река од народ секој ден има пред пунктот за вадење на лични документи кај полициската станица Пролет, кој работи без претходно закажување. Граѓаните да можат и еден преку друг ќе прескокнат за да завршат работа, за секако побрзо да дојдат на ред за сликање. Канал 5 направи и видео од турканиците, а некои дури и стоеја на студеното време повеќе од пет часа за да завршат работа, но попусто. Некои си заминале, оти не можеле да дочекаат. Со гужвата, доаѓа и ѓубрето. Кантите со отпадоци се полнат пребрзо при таква циркулација на народ. На вакво студено време е уште потешко чекањето, се жалат луѓето. Тие сметаат дека потребно е пролонгирање на рокот за промена на личните документи.

Ништо не е подобра ни ситуацијата во МТВ, каде луѓето со часови чекаат да ги подигнат новите документи. Од видеата на социјалните мрежи се гледа дека гужвата почнува од по скалите, а тие кои подраниле се залепени до вратата, со цел некој да не им го земе местото. За ваквата состојба која трае веќе со месеци, решение ќе бараат и политичарите. Запрашан за предлогот на претседателот Пендаровски за до октомври да се пролонгира рокот за замена на документи, премиерот Ковачевски не ја отфрли ваквата можност.

Инаку, според сегашното законско решение, личните документи треба да се заменат најдоцна до 12 февруари, односно точно 5 години по стапувањето на сила на Преспанскиот договор.

Со оглед дека во мај се закажани и двојни избори, останува да се расчисти и прашањето дали на граѓаните што нема да стигнат навреме да ги променат документтие, ќе им биде ускратно правото на глас.





