„Фајненшел тајмс“: Ципрас игра покер со Македонија

Дневниот весник „Фајненшел тајмс“ од Лондон во својот денешен број се осврнува на прашањето за разликите за името меѓу Македонија и Грција, оценувајќи уште во насловот дека грчкиот премиер Алексис „Ципрас игра покер со Македонија“.



По елаборацијата на проблемот од неговото појавување во 1991 година до денес, весникот се фокусира на положбата на Ципрас, сугерирајќи дека „нема да му биде лесно“ да се справи со отпорот од сите страни.

„Околу 60 отсто од Грците се противат зборот Македонија да биде дел од сложено име и неодамна илјадници луѓе излегоа на улиците во знак на протест. Друга масовна демонстрација се очекува во Атина в недела.

Опозициската Нова демократија го нападна Ципрас дека не ги информира за преговорите со Скопје. Грчката црква, која од почетокот го поддржа Ципрас, сега е против компромис. Додајте ги во миксот ултранационалистите во владеачката коалиција со Ципрас – кои го ставија македонското прашање во срцето на нивната политика на идентитетот – и сето тоа изгледа како тежок хаос.

Што има во него за г. Ципрас? Дури и допирањето на прашањето е стратегија на висок ризик за лидерот на СИРИЗА во годината во која тој би требало да го прослави излезот на Грција од осумгодишната финансиска криза.

Сепак, дипломатските награди се примамливи. Под притисок од Вашингтон – кој сака Македонија да влезе во редовите на НАТО уште годинава – и од естаблишментот на ЕУ, кој се дума околу прашањето за отпишување на грчкиот долг, компромис предводен од Ципрас би можел да направи на него да се гледа како на Ото фон Бизмарк на Балканот.

На ицрпените Грци, кои беа под туторство на надворешните кредитори речиси една деценија, уште една навреда може да им дојде премногу“, пишува „Фајненшел тајмс“.