НМ: Бугарија официјално веќе го призна постоењето на македонската нација и македонскиот јазик по Втората светска војна, иако сега го негира!

„Македонија и Бугарија, македонскиот и бугарскиот народ, имаат најдобри политички и национални односи непосредно по завршувањето на Втората светска војна, благодарение на позитивната улога на Бугарската комунистичка партија, предводена од Георги Димитров, кон македонското национално прашање.“ – се вели во статијата со наслов „Во Бугарија одамна е признато македонското национално малцинство, но таа не го почитува тоа“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Натаму во статијата се истакнува: Одредени аналитичари нагласуваат дека поради геополитичката состојба, но и поради одредена грижа на совест поради сојузништвото на Бугарија со нацистичка Германија и со Адолф Хитлер, бугарските политички кругови водат политика на зближување со соседните народи и држави, но и дистанцирање од великобугарскиот национализам, иредентизам и шовинизам. Познавачите на состојбите се едногласни дека промената на курсот започна со говорот на бугарскиот водач Георги Димитров во бугарското собрание: „Во интерес на процесот на зближување и идното обединување на македонските области од двете страни, нашата партија се согласи да се воведе како задолжителен предмет официјалниот македонски јазик во пиринскиот крај. И допушти како учители, македонски учители од Скопје, како и македонски библиотекари за да ја распространуваат литературата на македонски јазик. Тоа беше доказ дека нашата партија се однесува со најголема симпатија кон обединувањето на македонскиот народ“. Искажаното било само вовед на настаните што следувале, кога бугарската влада и држава официјално го признаа постоењето на македонската нација и македонскиот јазик.

На пописот во декември 1946 година како Македонци се попишале 160 илјади граѓани

Со пописот од декември 1946 година во Пиринска Македонија на Од вкупно 252.908 жители на Пиринска Македонија, 160.541 лице се изјасниле како етнички Македонци, а 9.000 лица како Македонци во другиот дел на бугарската држава. Во записникот од одлуката на Политбирото на БКП од 15 март 1947 година се вели: може да се говори само за македонско национално малцинство“, односно за оние што по „национално сознание се чувствуваат како дел од македонската националност“. По 1945 година на македонскиот народ, што живее во пиринскиот крај, Бугарија му дава поширока културна автономија, од која произлегува и отворањето училишта каде што се изучува македонскиот јазик, како и одделно изучување на македонската од бугарската историја.

Оваа позитивна бугарска политика ја доживува својата кулминација во 1948 година.Но, поради одредени геополитички промени, Софија постепено се дистанцира од своите ставови и погледи. Веќе во 60-тите години на 20 век повторно се започнува со негирање на македонските национални особености и асимилација на македонскиот народ. Ваквата бугарска политика повторно стана актуелна во изминативе години кога Софија повторно започна отворено да ги негира македонската историја и јазик, односно ја негира македонската нација.