На прашање на МКД.мк како ја коментира изјавата на Али Ахмети дека косовскиот премиер Аљбин Курти се меша во внатрешните работи на Македонија, Африм Гаши, претседател на Алтернатива и еден од лидерите на Европски сојуз за промени вели дека Ахмети е вознемирен зашто ја загубил поддршката од Косово и е во исчекување на изборен пораз. „За Ахмети е во ред премиерот на Албанија Еди Рама да му искажува поддршка и тоа не претставува мешање, а кога изостанува поддршката од Косово, тогаш тој е вознемирен и дава такви изјави“, вели Гаши.

„Еди Рама секој ден организира настани и медиумски простор за Али Ахмети, го прогласуваат за личност на годината и му даваат секакви епитети, така што Еди Рама е доста вклучен и му помага колку што може и ќе продолжи да го прави истото. Исто така, 20 години наназад Али Ахмети добива безрезевна подршка и од Косово и од Албанија. Да се потсетиме само кога Хашим Тачи (поранешен водач на УЧК, поранешен премиер и претседател на Косово, н.з.) доаѓаше на сред предизборна кампања да доделува пофалници за придонес во УЧК и тоа ‘случајно’ само на членови на ДУИ.
Значи кога Косово и Албанија му помагаа на Ахмети да победува, беше во ред да се мешаат, а сега кога за прв пат од Косово престана помошта за ДУИ, сега Ахмети е вознемирен зашто останал само со поддршка од Еди Рама. Јасна е само една работа, Али Ахмети е многу исплашен од пораз и од одење во опозиција, ама како што вели народот, за стравот лек нема“, изјави за МКД.мк Африм Гаши.
Во изјава за МКД.мк организацискиот секретар за односи со јавноста на Алтернатива, Орхан Муртезани дополнува:
„Ахмети е во паника од поразот, сака физички и вербално да се пресмета со сите Албанци кои се спротиставуваат на неговите погрешни и коруптивни политики. Затоа се случи скандалот во М-НАВ, тепањето од партиското обезбедување на ДУИ на Клиниката за гинекологија, токму во тој контекст е и неговата изјава против најпопуларниот албански политичар, Аљбин Курти. Лицемерно е Ахмети да зборува за наводно мешање во внатрешните работи, бидејќи токму тој го молеше Еди Рама лани во јануари да ги собере сите лидери на албанските партии од Македонија во Тирана, за да се дефинираат условите за уставни измени“.
Инаку, неодамна, Евроскиот сојуз за промени (Алтернатива, Беса и Демократско движење) најави дека како „четврти столб“ на изборите ќе учествува и косовското Самоопределување чиј лидер е премиерот Курти.
Целата анализа на следниот линк:
Гаши: За Ахмети е во ред да има поддршка од Рама, а е вознемирен зашто ја нема од Курти





