„Зајакнувањето на албанската опозиција е главната причина, која го принуди Али Ахмети да се промовира масовно во регионот, да се впушти во ‘политички туризам’ во Албанија и Косово.“ – констатира информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Масовна промоција на Али Ахмети во Албанија и Косово: кампања или страв?“.
Али Ахмети специјален гостин во телевизиски студија во Албанија и Косово
Покрај другото, „Журнал“ пишува: На следните избори ќе има натпревар меѓу два фронта во албанскиот табор: меѓу опозицијата, која се обедини како никогаш досега и ДУИ, партијата на власт 20 години. Промоцијата на лидерот на ДУИ во регионот почна масовно, со негово прогласување како личност на годината и со поканувања како специјален гостин во телевизиските студија во најгледаните емисии во Албанија. Дали оваа промоција на Ахмети е дел од една нормална кампања, или е мобилизација за справување со стравот, кој е создаден поради формирањето на опозициската оска?
Како започна кампањата на ДУИ?
Поинаку и не можеше да се очекува освен со „туризмот“ на Ахмети во Албанија и Косово. Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети е избран како личност на годината на емисијата „Опинион“. Причината е одржаното ветување дека * Македонија ќе има премиер-Албанец. Тоа се очекува да се случи на 28 јануари 2024 година. Исто така, и медиумот „Албаниан пост“ од Косово на Батон Хаџиу објави вест под наслов „Али Ахмети – албанска личност на годината 2023“. „Кога во јануари 2024 година Албанец ќе ја преземе функцијата премиер на * Македонија, тоа ќе биде поради Али Ахмети.“ – напиша „Албаниан пост“.
Инаку, синоќа Ахмети повторно беше присутен во Тирана, овојпат во емисија на ТВ Топ Чанел. Во своето настапување тој го искажа својот став против Албин Курти: „Курти се меша во внатрешните работи на Албанците во Македонија, јас не сум аматер.“ – рече Ахмети.
Но, зошто сета оваа масовна кампања на Ахмети?
Беса како опозициска партија е многу зајакната: нејзиниот лидер Билал Касами за прв пат успеа да ја победи ДУИ и да ја „избрка“ од Тетово како нејзино партиско седиште. Беса во овој период на своето владеење во Тетово им ја врати надежта на граѓаните во Полог – регионот од кој доаѓаат најголем број пратеници-Албанци.
Алтернатива и Демократското движење заедно стојат цврсто во изборните единици 1 и 2, кои, исто така, даваат значителен број пратеници-Албанци. Опозициското обединување е прибежиште за граѓаните очајни од власта и тоа ќе влијае врз на враќањето на албанскиот глас, кој пребега во македонскиот табор. Албанците го сакаат опозициското обединување и тоа ќе повлијае опозициската коалиција да освои голем број пратеници: не е исклучена можноста тие да имаат повеќе од 10 пратеници во следниот состав на Парламентот.
Затоа може да се смета ова зајакнување на албанската опозиција како главна причина, која го принуди Али Ахмети да се промовира масовно во регионот.





