Се ситнат деновите до оставка на Ковачевски и формирање техничка Влада

Премиерот Димитар Ковачевски најдоцна до 26-ти јануари ќе треба да поднесе оставка од функцијата, за да може да се формира техничката Влада. Собраниската седница би почнала на 27 јануари, како што претходно информираше Џафери, за расправата да биде исцрпена до 28 и да се изгласа новата Влада.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, треба да седне на премиерското столче во техничката Влада, а координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски ќе го заземе местото на Џафери. Од СДСМ веќе ги објавија нивните кадри, кои голем дел остануваат исти, единствено Митко Бојмацалиев ќе биде предложен за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а во труд и социјала номинирана е актуелната министерка Јована Тренчевска. Претходно премиерот Ковачевски треба да си даде оставка, која најверојатно ќе се случи на седницата на Собранието закажана за 16 јануари.
Претходно, актуелниот спикер
Талат Џафери, на последниот брифинг со новинарите информира дека нема посебна процедура во однос на формирањето техничка влада. Тој нагласи дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат распишани во ист термин, односно кон средината на февруари. Потенцира дека по празниците, ќе почнат подготовките за техничка влада.



– Нема посебна процедура во однос на формирањето техничка влада од ваков тип, што произлезе од Пржинскиот договор. Но, во принцип, основот е процедурата за избор на влада, која е пропишана, но не мора да е во тие рокови и времетраење. Формално, според Деловникот, дебатата трае два дена, мора да се планира свикување, па подготовки, оставки, претходни процедури, кои треба да се завршат за да почне седницата соодветно и да трае, евентуално, до вториот ден. Формално е истата процедура како при изборот на нова влада. Се знаат датумите за избори и никој не би влегол во ситуација да го компромитира рокот, кој консензуално е веќе договорен за избори, информираше Џафери.