Машката ракометна репрезентација на Македонија до 18 години го декласира Косово со 33:24 и избори пласман на Европското првенство што во август годинава ќе се одржи во Црна Гора.
Избраниците на селекторот Наум Танески на полувреме од натпреварот од последното коло на квалификацискиот турнир во Скопје водеа со 15:11, за во вториот дел целосно да го скршат отпорот на аутсајдерот во спортската сала „Автокоманда“.
Десниот бек Теодор Пецаноски беше прво име на средбата со 8 гола од исто толку обиди, пред десното крило Јован Петрески со 6/7.
Во другиот меч од групата Б Швајцарија ја победи Словачка со 29:25 и од првото место оди на ЕП, а Македонија како втора со две победи (ја совлада и Словачка со 27:26) и еден пораз (26:27) токму против Швајцарците.






