Минусот станува луксуз: Каматите надминаа 14%, тешко на граѓаните со кредит

Дозволениот минус од една, па и две-три плати станува вистински луксуз за граѓаните затоа што каматната стапка за овој банкарски производ во земјава надмина 14%. Ако се спореди со останатите кредитни производи, како што анализира Банкарство, дозволеното пречекорување што го нудат банките на клиентите што примаат плата преку нив е еден од најскапите продукти, заедно со кредитните картички.



Каматната стапка на дозволеното пречекорување практично се изедначи со каматната стапка на недозволеното пречекорување, а почна да расте заедно со растот на референтните каматни стапки на Народната банка, поточно директно зависи од референтната стапка за пресметување на казнена камата и секако од деловните политики на секоја банка. 

Банките ја утврдуваат висината на активната каматна стапка на дозволеното пречекорување според следната формула: каматна стапка на благајнички записи + 8 процентни поени максимална маргина. Висината на каматната стапка на благајничките записи се утврдува од страна на Народната банка два пати годишно, на 1 јули и на 1 јануари, по што комерцијалните банки ги прилагодуваат своите каматни стапки.

Во 2022 година, на пример, каматната стапка на дозволеното пречекорување на трансакциските сметки на физичките лица изнесуваше 9,95%, а каматната стапка што се применува при пресметка на камата за недозволено пречекорување изнесуваше 10,00% на годишно ниво. Најниското ниво досега не падна под 9%, но затоа сега драстично порасна. 

Анализа на каматни стапки во петте најголеми банки во Македонија:

  • Комерцијална банка: 14,25%
  • Стопанска Банка – Скопје: 10,60% за приматели на плата или пензија / 12,89% за останати клиенти
  • НЛБ Банка: 14,30%
  • Шпаркасе Банка: 14,30%
  • Халкбанк: 14%

Зголемената каматна стапка на дозволеното пречекорување значи поголеми трошоци за корисниците. На пример, имате дозволен минус од две плати и тој изнесува 60.000 денари. Доколку го искористите целосно, месечно само за камата на банката ќе и плаќате околу 700 денари. Пред две години овој трошок би ви бил 500 денари.

Дозволеното пречекорување на трансакциска сметка е примамлив продукт за граѓаните затоа што банките го одобруваат без строги критериуми и секогаш им е на располагање како извор на дополнителни финансиски средства покрај редовните месечни приходи. Во прилог на ова оди фактот дека се одобрува на клиенти што имаат редовни месечни приливи по основ на плата или пензија и не им е потребно дополнително обезбедување како депозит, жирант, административна забрана или меница. Некои банки одобруваат дозволен минус и до пет плати. 

Користењето на овој дополнителен буџет може значително да го зголеми и месечниот финансиски трошок на корисникот, а преголемото задолжување може да го влоши и неговиот кредитен рејтинг доколку се соочи со потешкотии во редовното сервисирање на обврските.